„СИЛЈАН“ во режија на Тамара Котевска е македонскиот кандидат за „Оскар“ 2025
Македонскиот филм „СИЛЈАН“, во режија на Тамара Котевска и во продукција на Конкордиа (Concordia), е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.
Одлуката ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, која е официјално призната од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука (AMPAS).
Деветчлената комисија беше составена од: Томи Салковски – претседател и продуцент, Лабина Митевска – продуцент, Даријан Пејовски – режисер, Марија Димитрова – продуцент, Душан Кардалевски – кинематографер, Марина Колоска – прв асистент на камера, Иван Ивановски – режисер на анимиран филм, Братислав Зафировски – тон мајстор, и Горан Игњатовски – автор на филмска маска.
Годинава, комисијата избираше помеѓу три извонредни македонски остварувања:
„Ди Џеј Ахмет“ на Георги Унковски, продукција на Синема Футура
„Силјан“ на Тамара Котевска, продукција на Concordia
„Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар, продукција на Cinepaqe Production
При својот избор, комисијата се водеше од уметничката вредност на филмовите, квалитетот на нивната наративна и визуелна компонента, како и од актуелноста и длабочината на приказните кои ги обработуваат.
Агенцијата ја поздравува оваа одлука и испраќа честитки до целиот авторски, креативен и продукциски тим на “СИЛЈАН“.
Извор: фејсбук страницата на Агенцијата за филм