Во моето детство не ми беше дозволено да викам другарчиња да се собираме кај мене после часови или да играме во дворот, причините се поврзани со благоречено катастрофалните односи со моите баба и дедо, за кои нема повеќе да навлегувам. Едноставно често и другарчињата прашуваа зошто никогаш не сум ги викнал, прво смислував изговори, после едноставно реков “не можам и не прашувајте зошто“ и тоа беше тоа. Но непријатна беше ситуацијата, имав доста голема желба да функционира тој дел нормално, но беше невозможно. Единствените играња беа сам со себе во дворот кога мајка ми е дома и тоа да сум на нејзин видик, си играв со шутирање на фудбалот во ѕид, скејт еден имав па демек го возев, досадни работи, сам со себе. Еднаш за време на некој летен распуст, дојде внук од Америка на една баба од комшии, па лесно не споија да се дружиме. Прво одевме кај него неколку пати да си играме, па после друг ден бидејќи мајка ми имаше денови земено и беше дома, можев да го повикам и кај мене во двор да си играме. Супер си игравме, но одеднаш дали поради тоа што не бев навикнат со некого да си играм и целата ситуација ми беше тотално непозната, јас земав без причина да го мавам со топка детево. Апсолутно ништо ми немаше згрешено, детево се исплаши и избега и од тогаш го немам веќе никогаш видено. Не добив шанса после тоа да му се извинам никогаш, ниту пак му го памтам името. Од таа куќа сум преселен веќе многу години и шансите да успеам да го дознаам детето и да му се извинам сега барем на социјална мрежа се речиси непостоечки. Но, тоа што не сум се извинил, а сум погрешил, ми тежи еве и после 18 години и често се сеќавам на таа случка како нешто што не е комплетирано и ме прогонува. Едно некажано извини некогаш може да тежи многу, па независно колку е банална причината, извинете се секогаш дур можете, бидејќи времињата се менуваат, местата исчезнуваат, луѓето исчезнуваат... Се надевам дека другарчето безимено е здрав и жив и еден ден ќе ја имам можноста да му се извинам.