Утре почнува ЕП!!! Ама еуфорија нема.....
Одамна не сум пишал на форумот... Со причина, некако доста е спласната атмосферата околу ракометот во Македонија. Барем тоа е мој впечаток.
А не би рекол дека е до "неработење". Лигата оди во нагорна линија. Можеби нема тим кој се бори за титула во ЛШ (каков што беше Вардар во времето на Самсоненко), но има поголема длабочина од било кога претходно. Има екипи кои вложуваат во млади играчи, се работи ок со младите репрезентации... Но нешто фали.
Реалноста е дека пак одиме на првенство на кое веројатно Талески и Кузмановски ќе ни бидат најјаки играчи. Не дека нешто им фали нив - реално сосема се ок (без разлика што добиваат многу хејт), можат да бидат значајни ротациски играчи во една ротација до 10-12 во една квалитетна репрезентација. Проблемот е што нема појак од нив. Е тоа ни фали - еден, два играчи од светска класа, или барем уште 4-5 од ранг на Талески и Кузмановски кои би биле перфектен "фит" околу нив.
Вложувањето во ракометот (барем споредбено со другите спортови кај нас) ни донесе зголемен квантитет - ако пред десетина години, кога бевме во резултатскиот врв, се мачевме да склопиме поширок список, и одвај 20 играчи реално конкурираат за репрезентацијата, сега има едно 40-50 што покажуваат одредени знаци на квалитет. Ама сето тоа засега не ни помага воопшто за резултати. Не е дека нема напредок кај играчите, како што некој кажа погоре. Има напредок кај повеќе играчи. Ама напредокот се сведува на: потпросечните напреднаа во просечни, просечните напреднаа во солидни... Ама нема квалитетни играчи кои направиле скок напред кон европска/светска класа на играчи. Тој последен скок-два не може се чини ниту еден да го направи. Нема играчи кои можат да поведат екипа на ранг на ЛШ барем во 2-3 натпревари. Нема играчи кои можат да направат разлика, барем и на момент, во дуели со врвните светски ракометари. Нема играчи или ако сакате некоја специфична вештина или комбинаторика за која противникот специјално мора да се спрема бидејќи не знае како да ја реши (како на пример играта 2-2 на Кире и Столе до пред неколку години) - реално сите ќе ни играат релативно стандардно без посебни припреми за нас (освен можеби Швајцарија).
Зошто е тоа така, е тешко да се каже - ако мене ме прашате, мојот инстинкт е дека сме мала држава со мал број на таленти за спорт - и грешка е што за да си ги рекламираат школите за денар плус, со децении нашите тренери и спортски работници раскажуваат приказни дека сме земја полна таленти само но требаат пари и услови за работа... Но на крајот на краиштата, талентите се такви какви што се - мора да го извадиме максимумот од нив - а барем за дел од нив, не го правиме тоа (ако порано беше тоа главно Вардар, сезонава на "пик" ми е неразумната трансфер политика на Пелистер која непотребно а многу ги ограничува Павле Атанасијевиќ, Ѓорговски, Костески....)
Едноставно, рецептот е јасен: модерни принципи на пристап кон физичкиот развој на играчите (вежби, нутриционизам, здрав живот...), развој на технички основи од мали години, користење на аналитика (видео, статистика, иновативност и техника во спортскиот процес), индивидуални тренинзи за развој на вештини, редовна минутажа и многу многу работа. Друго нема, освен да продолжиме да се трудиме. Резултатите евентуално мора да дојдат ако работиме правилно. Мора да се верува во работата, да се поправаат грешките и да се оди секогаш напред.
И така стигнуваме до ова ЕП. Посебни резултати се невозможни да се очекуваат. Ждрепката ни го пресуди тоа. Франција е научна фантастика, Германија и ваква релативно килава е невозможно да испадне од првенството по првата групна фаза (ЕХФ, судии, публика, ако треба и војската ќе се вклучи и тоа нема да се дозволи). Целта мора да е обезбедување на прв шешир во бараж за СП, што според анализата што ја правев минатото лето, колку што се сеќавам, отприлика значи дека треба да сме во топ 17 од 24 екипи на првенството. Што значи, дека за нас, сите патишта водат кон Швајцарија. Реалноста, во 2024, е дека Швајцарија ќе биде фаворит против Македонија. Им се верува на повеќето или не, тоа е реалноста. Благ фаворит, да, имаме шанси ние во тој меч, ама да играме 3 пати со нив, во моментот, веројатно 2 пати ќе изгубиме. Би требало да е тесен меч. Згора на тоа, не смее да се изгуби убедливо ниту од Германија ниту од Франција - тоа можеби е можно, но ќе видиме дали психички и физички сме спремни да гризиме и да не дозволиме потоп (да бидам искрен групата Е ми дава надеж на ова поле, Грузија и БиХ се можеби најслаби екипи на цело првенство и се во иста група - ќе се крстиме во Шведска и Холандија да ги наполнат).
Наместо да се стресувам околу перформансите, одлучив да се фокусирам на неколку работи што сакам да ги видам на ова првенство и ме интересира како ќе функционираат:
1. Како ќе се снајде Марко Митев против сериозни корпулентни одбрани? Мислам дека дефинитивно тој треба да биде 3тиот лев/среден бек во ротација со Талески и Кузмановски (може да игра покрај било кој од нив двајца) - иако веројатно ќе ја делат таа улога со Џонов (Ѓоргиев е повикан, ама ми личи дека овој пат е во втор план - и со право, реалноста е дека стагнира последната година дена).
2. Лазаревски како прв пикер, Пешевски како офанзивен специјалист за повремени ситуации кога имаме играч повеќе или во некои џокер моменти како промена на ритам. Не знам дали ќе се случи, ама мислам дека треба. Лазаревски не е некој дефанзивец според мене, ама колку толку може да се врати и да одигра коректно, не мора да се менува на секоја акција, ако ни трчаат транзиција. Офанзивно, дечкото е во форма, мора да биде награден, ќе видиме колку може на ова ниво. Пешевски од друга страна нема баш добра сезона според мене, а и реално 3 пикер - специјалист за напад, со 15 минути по натпревар е неговата природна улога во сериозна екипа.
3. Ќе се најде ли паметен начин како да се искористи Петар Атанасијевиќ во одбрана или ќе ја прокоцкаат неговата способност да одигра на различни позиции и во различни тактики - ок е според мене што го форсираат (иако е крајно нелогично да се оди со едно крило - ама тоа е друга приказна, Кире е запнат да има опции во одбрана, на сметка на приородни крила во напад).
4. Ќе успеат ли да се најдат бековски тројки околу Талески, односно Кузмановски, кои функционираат логично и ќе си ги максимизираат своите вештини или пак ќе гледаме угушување и целина која е помала од нивните поединечни способности? Многу сум скептик, особено што на десен бек со Велковски и Јагуриноски, доста е лимитирано што ќе може да искомбинираме, ама ајде да видиме.
5. Што ќе добиеме на среден блок во одбрана (3/4)? Скептик сум за нешто особено, но ме интересира дали ќе покажеме барем знаци дека има потенцијал за некакво долгорочно решение. Во одбраната ни е клучот за исчекорување нанапред и придвижување кон топ 10-12 репрезентација каде што реално бевме во најдобрите години. Дуото Јоновски-Маркоски ретко се спомнува како клуч во нашите најдобри денови, ама реалноста е дека веќе долго време ги бркаме тие перформанси. Немаме ни специјалист за одбрана, ни некои квалитетни дво-насочни опции на 2 и 5, ни квалитетен дефанзивен пикер. Омерагиќ делува дека ќе биде исфорсиран годинава - ајде да видиме, не сум многу оптимист, различен од на пример Мишевски, поподвижен и борбен од Младеновиќ (решенија кои се разгледуваа минатите години).
6. Како ќе се снајде Ненад Костески во улогата главно крило реализатор во репрезентацијата? Мислам дека може тој да има добро првенство, иако заради нелогични причини му е делумно намалена минутажата во Пелистер во есенскиот дел од сезоната, ама ќе мора да покаже дека е зрел за тоа.
7. И за крај, што ако не успееме? Што ако доживееме 3 порази? Ќе се продолжи ли со главата горе, многу труд и натамошна борба или ќе почнеме да се бавиме со откази, ПР шминка за привремено крпење, стандардни муабети за натурализација и партиски политикантски креирања на наративи во предизборна атмосфера од претендентите за фотељи.
Со среќа нека ни е, притисок како ретко кога досега мислам дека нема, можеме само да гледаме убав ракомет и стандардно јануарски да се забавуваме!