Како за предфинале изгледав маестрално направен филм и научив дел од малку потемната историја за Швајцарија, којашто ја знаеме како згрижувачка на преживеаните од Холокаустот.
Der Verdingbub (2011) - Згрижениот
Приказната на Макс, сирачето маестро на хармоника била заедничка за околу 100 илјади деца во периодот од 1860-1960 година. Земјоделците од руралните швајцарски предели заработувале многу помалку одошто им е право, па нашле друг начин да заработуваат - згрижувајќи деца за пари. И тоа не биле само сирачиња, туку и деца на самохрани мајки и сиромашни семејства, под изговорот немале пари да ги гледаат.
И... камо да останело само на тоа, туку тие најчесто биле злоупотребувани како работна сила, а не ретко биле и сексуално злоставувани.
Бертели, пак, е второто дете згрижено во семејството Босигер, доаѓа некое време по Макс откако властите буквално насилно ја одделуваат од нејзината мајка заедно со нејзините две сестри.
Инаку, детето згрижено пред Макс мистериозно умира само 6 месеци по доселувањето на имотот на Босигер.
Од згрижувачкото семејство, Макс и Бертели се здобиваат со многу удари, но покрај мајката и таткото, мора да се спомне и Јакоб, синот единец кој и на двајцата на различни начини им го направи животот неподнослив.
Но во сета таа неподносливост, трунка надеж дава и наставничката на Макс и Бертели којашто ја ризикува и работата во обид да ги заштити учениците.
Но, најголем двигател е повторно сонот, талентот и упорноста.
Сонот... сонот за земја во коjaшто сѐ е направено од сребро и на чифлиците нема свињи, па затоа нема ни згрижени деца да ги чуваат. Во мечтите на Макс, тоа е Аргентина.
Кој е колку виновен? Алчните земјоделци, или пак, уште поалчните власти кои нашле ефикасен и брз начин да го намалат бројот на сиромашни и да ги убедат земјоделците да не ги бараат своите права.
Каков крај имаат приказните на Макс и Бертели, ве оставам сами да видите, не сакам да откраднам од уживањето. Тоа е европски филм, квалитетен, ја соголува вистината, а не како поголем дел од американските, кадешто пропаганда, капитализам и изглед се важни.
Како што сум болна со супите и камилицата и не можам да спијам, ова беше супер начин да се помине времето и да се научи нешто ново.
10/10