Иако немам многу искуство со вакви работи, како малку постар се надевам дека би можел да ти дадам совет што ќе ти помогне колку толку. Како прво, јас сум човек што лесно се прврзува за други (но не сум пијавица) и од ова што го прочитав од тебе, ми изгледа и ти си сличен, ако ништо друго барем спрема неа. Оваа година се запознав со едно многу добро девојче, после неколку години поминати сам, и секако се прврзав и за неа. Иако имаше животен стил кој што не беше сличен со мојот, тоа воопшто не ми сметаше, па дури можам да кажам дека ми се допадна како за промена, и успеавме да се поврземе на едно подлабоко ниво, или барем таков лажен впечаток добив јас. Се надевав дека ќе излезе нешто повеќе, нешто различно и нешто навистина убаво од сето тоа, но за жал ситуацијата траеше само еден месец. Велам ситуација, зашто не ни стигнавме до евентуален разговор за што би било тоа понатаму и искрено не знам кој друг збор би одговарал тука. Тоа за жал не зависеше од мене бидејќи јас бев спремен во секој момент за нешто повеќе.
Откако ми кажа дека толку е помеѓу нас, не можев да се средам долго време. Неколку пати подолго време поминав мислејќи на неа, од тоа што траеше ситуацијата. Почнав дури и да пушам, нешто што никогаш го немав правено до тој момент. Едвај сега можам да кажам дека сум во некаква подобра состојба.
Mој совет е да извлечеш поука од сето ова, со цел да не ги направиш истите грешки во иднина и едноставно кажано да станеш подобар човек. Не значи тоа дека си лош, напротив, секогаш треба да се стремиш кон подобро. Поуката што ќе ја извлечеш скоро сигурно нема да биде слична на мојата, така што од тој поглед потребно ќе биде сам да си извршиш една сеопфатна анализа. Секако дека треба да побараш помош доколку заглавиш некаде во тој процес, но на крајот од денот ти ќе си го донесеш заклучокот.
Постов испадна повеќе моја исповед од било што друго, но се надевам дека ќе извлечеш нешто корисно во секој случај. Доколку имаш било какви прашања или пак сакаш да споделиш нешто дополнително, слободно, тука сме да си помогнеме.
Поздрав и секое добро