Никогаш ваква трагедија не е предизвикана само од еден фактор. И не е баш лесно да се одговори кој е крив (покрај пукачот нормално).
Булингот е ептен сериозна работа и за жал на овие простори уште многу време ќе помине за навистина да се сфати до крај таа сериозност. За дел од наставниците и другите возрасни тоа е уште детска игра или зафрканција. А уствари е појава што може да остави трајни последици на една личност. И не е точно дека е нова појава. Уште јас кога бев ученик, пред 20-тина години тоа беше секојдневие. Какви само работи се случуваа во моето основно, денес како возрасен коса ми се крева. Врсничко психичко и физичко малтретирање беше секојдневие, а наставниците главно не се ни замараа да преземат нешто. Конкретно сум бил сведок на момент кога наставник се смее гласно на изживување врз ученик наместо да му помогне. А и што да се очекува од наставник кој често корнеше на ракија кога ќе дојде на час? Не викам дека сите наставници беа такви, но сакам да кажам дека ова не е нешто од вчера. И јас лично бев жртва на булинг, па знам што значи да се помине низ тоа и можам да зборам на темата од лично искуство. Имаше пеколни и ужасни денови. И не е воопшто лесно да се излезе од таа ситуација. Зашто ако се спротивставиш обично работите стануваат полоши. Подоцна булингот кај мене имаше (и има) последици и во подоцнежниот живот. Пред се' во дел на самодоверба, резервираност кон нови познанства, анксиозност во одредени социјални ситуации, а ми правеше и одредени проблеми при наоѓање на работа (ова на почеток на кариера, денес фала Богу го имам целосно надминато).
Дури порано не беше ни тема на муабет булингот. Денес е повеќе познат како термин ама на Балканот очигледно уште премалку се збори за тоа. Друга голема разлика во денешно време е модерната технологија и интернетот. Порано барем булингот завршуваше надвор од школото. Секако дека надвор од школо не се дружиш со гомнарите што те малтретираат. Си наоѓаш некоја занимација што ќе ти ги тргне мислите. Но сега можам само да замислам што се случува. Какви се' закани има по телефон, снимање клипови со кои може да се уценува, постирање навреди по социјални мрежи, навредување по месенџери и чат групи... На секој идиот му се дава поголема можност да малтретира а на жртвата помал простор да се дистанцира од сето тоа.
Но да се разбереме, во никој случај не го оправдувам овој што пукаше денес. Имало и има илјадници деца што трпат булинг, па многу малку посегнуваат кон насилство. Се работи тука за лабилна личност која целосно изгубила емпатија. А тука се и другите фактори, како однесувањето на родителот. Да го учиш детето да пука е типичен пример за лош родител. Секако тука се и сите оние фактори кои ги прават балканските општества трули. Србија конкретно има поголем проблем и од нас во делот на промовирање на шунд, неморал и глупости. Таму ликови како Голубовиќ се медиумски фаци а голем дел го сметаат крвникот Аркан за херој.
Претешко е за родителите на децата жртви. Ова е ужасна трагедија која се надевам никогаш нема да се повтори. Но за тоа да не се случи овој пат навистина треба да се научат некои лекции. Ова може да се случи секаде, се гледа дека не е далеку од нас.