Добро, знам дека ти е јасно дека причината за војната и поводот во случајов се различни. Но, иако Путин одпрво сакаше да го наметне поводот „денацификација“ , и постојано беше трубено тоа постојано, мислам дека на секој здраворазумен човек му беше јасно дека вртењето на Украина кон Запад е прикриениот повод а и причината за војната, додека пак денацификацијата се трубеше низ јавноста за да се убеди светот дека се во право. Русија немаше да ја нападне Украина, и десет баталјони како Азов да имаше во Украинските вооружени сили ако тие останеа проруско ориентирани.
Сепак мислам дека, го насанкаа Путин со интервенцијата. Му створија вакуум простор, за да мора да реагира, и тој мислам дека го одбра најлошото можно сценарио за него, за Русија и за Украина. Мислам дека тоа што ќе го добие по пат на војна можеше да го добие по мирен пат, само со малку трпение, ништо повеќе. Кога ќе влезеше Украина во бирократските води на ЕУ, кога ќе ја видеше „дарежливоста“ и морковот и стапот, сама ќе бараше да се врати во прегратките на Русија.
Второ, Путин згреши што уште од 2014-та дозволи да му хараат во Украина секакви служби и да го спремаат народот за војна. Потфрли ФСБ, потфрлија сите можни тајни служби на Русија и му ја оставија Украина на тепсија. Има доста Руско малцинство во Украина, и мислам дека далеку полесно би му било на Путин тогаш да ги убеди на мирен начин дека неутралноста или проруска Украина ќе биде подобро за самата Украина, отколку да се сврти кон Запад. Тој дозволи да го влечат за нос, и мора да признаеш, мајсторски му ја тргнаа чергата од под нозе, па во знак на паника тој нападна. За разлика во Сирија, каде Путин одигра маестрално, во Украина потфрли, а со војнава се закопа.
Обединетите нации донесоа сет резолуции за Ирак, а САД како повод го искористија тогаш непочитувањето на Резолуцијата 1441 за Ирак (која беше донесена со 15-0, значи за резолуцијата гласаа и Русија, Кина и Франција кои претходно се противеа на неа). И сега, ако гледаш од таа перспектива, и САД нападнаа бидејќи Ирак како што се вели во резолуцијата не дозволи меѓународни инспекции да одредат дали има оружје за масовно уништување. Сите знаевме дека не е за тоа војната, но ако гледаме така како што велиш и ти, тука можеме да најдеме дека и САД имале легитимен повод, со оглед дека гласањето за резолуцијата 1441 беше едногласно од сите постојани членки на Советот на Безбедност, а Садам Хусеин не сакаше да соработува.