Ден потоа уште сум под импресии... Ми се пишува многу, може да напишам километарски пост ама ај нема да го тупам колку и зошто навивачки ми значи оваа титула, туку чисто за Аргентина и светсково...
Сите оние што пратат со внимание интернационален фудбал знаат дека ова не е никакво изненадување. Од 2019 наваму Аргентина е најдобрата репрезентација во светот. Конечно како тим добија стабилност што им треба за доминација и се насетуваше дека ќе биде многу поразлично од 2018.
Е сега светско е, може да се случат триста непредвидени работи. Денес мислам дека поразот од Арабија делуваше освестувачки за екипата, придонесе да не летнат во облаци и да изгорат на крај, нешто што го снајде Бразил.
За Меси што да се каже. Од вчера некој да рече дека не е најдобар фудбалер што сме го гледале е смешно. Горд сум што живеам во време кога можев да ја следам целата негова кариера. Откако гледам фудбал, едно 25 години, ниту еден играч не е ни близу до тоа ниво. Не сум ги гледал Пеле и Марадона, тие генерации што растеле со нив веројатно ќе ги сметаат уште за најдобри. Ама факт е дека дури и за нив може да се најде нешто што им фали во кариерата и некој може да го оспорува. За Меси од вчера веќе не може да се најде ниедна дамка. Може ако сака да се пензионира уште денес. Драго ми е што ќе добие култен статус во Аргентина исто како Марадона.
Капа доле и за другите од екипата. Ди Марија исто беше дел од сите изгубени финалиња последните години и на крај заслужи и тоа како светска титула. Легенда од играч, еден од најзаслужните за двете победи во финалињата. Мартинез е херој и пол на ова првенство. Колку години фалеше добар голман, тој се појави преку ноќ таман на време за ова. Се надевам брзо ќе го видам во голем тим. Алварез и Фернандез очекувам да ја водат Аргентина наредните години а и сигурен сум дека ќе имаат одлична клупска кариера.
Најмногу ме изненади Скалони. Кога дојде на клупата ич не бев оптимист пошто беше скоро анонимус а многу поголеми имиња пред него не освоија ништо. Ама иако некогаш прави тактички грешки очигледно е дека ја врати победничката атмосфера. Вчера се исплатеше ризикот што го стави Ди Марија во прв тим. Е сега после прерано се затвори што можеше многу да ги кошта. Надвор од теренот не знам дали била негова идеја Агуеро да му прави друштво на Меси последната вечер пред финалето, но таквите потези некогаш имаат огромно позитивно влијание.
Како и да е, разбирливо ова е првенство што вечно ќе ми остане во најдобро сеќавање а богами и на светот зашто најголемиот конечно го освои највредниот трофеј. И секако премногу се радувам за Аргентина, нација што живее и дише фудбал.