Дореана со сето што го изнатреска со треперливиот глас беше прича за себе. Не знам дали ѝ остана трошка кредибилитет. После пет минути јасно беше дека од неа нема да чуеш нешто саглам. Само иритираше со своето препелкање во емотивни полуреченици и ломотење глупости. Професорот Чепреганов беше поинтересен со неговата вчудовиденост од тоа колку е скрената, и со неговата воздржана фрустрираност откако увиде дека ова нема да биде интелектуална и аргументирана дебата. Десет пати се обиде да ја оправи работата, да ја поттикне да ги објасни нејзините небулози за да може да ѝ го фати колосекот и човечки да разговараат - сите десет пати Дореана го сопна со нешто во стилот „Ај, ај, сите знаат за таа работа, нема сега јас тука да те учам, а ти не се прави мутав...“. На човекот не му се веруваше што го снајде и ја пулеше со фаца WTF!