Ја одбрав „Сета светлина што не можеме да ја видиме“ од Ентони Дор.
За книгава само знаев дека:
a) е обемна
б) главен лик е некое слепо девојче кое живее во Париз за време на ВСВ
Толку.
Изгубив навика да читам кратка содржина затоа што сакам малку да се изненадам, но и бидејќи книгите што ја обработуваат оваа тема ми станаа досадни. Не негирам дека можеби одбирам погрешни книги од жанров (на пример, комерцијална фикција

), но ајде да не навелгувам во детали без потреба.
И мојот краен заклучок е дека книгава слободно може да им парира на книги од рангот на класици, зашто ова навистина не беше само уште една во низата книги за Втора Светска војна. И секогаш ме радува кога ќе наидам на нешто вакво. Од малиот милион новокомпонирани романчиња со воена тематика, ова без сомнеж е дијамант (no pun intended).
Баш ја развлеков, зашто сакав да трае, да уживам во неа уште малку подолго. Иако морам да признаам дека беше жива зараза и некогаш стануваше невозможно да се остави книгава. Поготово поради кратките поглавја - дури се внесеш, почнало ново, па уште едно и уште едно и...
Малата Мари-Лор Лебланк не само што живее во близина на Природонаучниот музеј во Париз, туку добар дел од раното детство го поминала низ тие добро познати ходници. Одгледана од самохран татко, деноноќно посветен на својата работа како главен клучар во музејот, Мари-Лор сакала или не, ги знае сите тајни кои ги кријат просториите таму. На само шест години, ослепува и едноставно е принудена да научи животот да го живее малку поинаку од останатите деца. Но, нејзиниот татко ќе се погрижи таа да научи да се снаоѓа во светот без нечија помош и ќе ѝ моделира минијатура од нивната населба. Зашто да, таа мора напамет да го знае секое ќоше, а окото не е ништо друго освен еден мал дел од медиумите кои ни помагаат просторно да се ориентираме.
Војната почнува, светот во кој живее малата Мари-Лор се урива, а макетата која ѝ ја изработил татко ѝ не вреди ништо кога доаѓа моментот да се преселат во Сен-Мало кај некој нивен роднина. Меѓутоа, војната е само мала капка во океанот причини за преселба. Во целава приказна е испреплетена една легенда за скапоцениот камен наречен „Пламено море“, кој мора да се заштити по секоја цена. Легендата навистина е интересна, како бајка извадена од некоја книга на браќата Грим.
Големците трагаат по скапоцениот камен, се раѓаат неколку негови копии и некој е на само еден чекор да ја реши равенката и да му светне дека Даниел Лебланк го изнел дијамантот од музејот и мора да биде фатен по секоја цена.
Има и други ликови, интелигентни и проникливи, просто генијални. Но, јас на книгава ѝ влегов вака ко падобранец и толку и ќе раскажам. Останатото сепак ќе го препуштам на читателската љубопитност на секој од вас.
Навистина има уште многу да се каже и да се раскаже, да се изанализира. Има толку многу алегорија, симболика, но ако се расплинам надолго и нашироко, мислам дека ќе откријам премногу работи и нечија желба за читање ќе изгуби смисла. А пак ќе повторам, навистина е неописливо добро кога работиве напишани во книгава ќе се прочитаат и секој ќе си ги доживее од свој агол.
Епска книга, магична. Навидум премногу наративна, но на крај сè ќе има смисла, секоја страница и секој збор напишан на неа.