Виртуелен читачки клуб (март: „Дипломец“ - Чарлс Веб)

Дали би учествувале во виртуелен читачки клуб?


  • Вкупно гласачи
    110

Ptolomej

Дрвен адвокат
Член од
7 август 2005
Мислења
1.691
Поени од реакции
879
@<<Goku>> , точно е дека ненадејно заминување на младешка љубов остава трага , но во случајов ми се чини дека тоа на Михаил му траеше само неколку години а не цело време , бидејќи кога ја виде на судењето ( и причината зошто е обвинета ) веројатно сватил зошто ненадејно си заминала.
 

Darklady

Модераторка
Член од
29 октомври 2011
Мислења
5.541
Поени од реакции
34.841
Се сложувам со Темнатадама дека Михаел Берг и морално и правно е виновен за пресудата над Хана . Ако не друго , имаше правна обврска да интервенира во судењето и да го каже тоа шо го знаеше за Хана ( дека е неписмена ) . Нели одеа со неговиот професор по право да го гледаат судењето .
Едноставно можеше да отиде кај судијата (а отиде и повторно премолчи) и да му каже дека Хана е неписмена. Дека таа не била главниот актер и злосторник како што другите ја претставија. Дека нејзиното однесување не посочува на непоправливост, безобзирност или дрскост, туку едноставно дека тоа е резултат од недостатокот на познавање на обвиненијата и ракописот од книгата, како и од отсуство на каква било смисла за стратегија или тактика. Дека таа во својата одбрана очевидно си наштетуваше. Точно беше виновна, но не толку виновна, како што навидум изгледаше.

Впрочем тој беше студент по право и многу добро требаше да знае дека премолчувањето го прави соучесник. Без разлика дали е оправдано или не. Премолчување е премолчување.
 
Член од
8 мај 2013
Мислења
11.198
Поени од реакции
35.747
Наредна книга, по покана од @Dumbledore мој предлог за читање е Се мислам да ставам крај - Ијан Рид.

Книгата е дебитантско дело на младиот канадски автор Ијан Рид која доживува голем успех и е преведена на повеќе од 20 јазици.

Самото дело претставува психолошки трилер за една млада девојка која има сомнежи и резерви за врската со својот дечко, но сепак се решава да отпатува со него да ги запознае неговите родители на некоја зафрлена фарма надвор од градот.

Критичарите го опишуваат делото како храбар и оригинален трилер со психолошка тежина, а авторот Ијан Рид како “master of tension”.

Книгата кај нас е тазе преведена од Или-Или а сигурно се наоѓа на интернет и нејзиното издание на Англиски јазик.


Уживајте во читањето :)
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
Дечки, во Филмскиот клуб, поради годишните одмори, направивме едномесечна пауза. Мислам дека и тука, од истата причина, треба да покажеме одредена флексибилност, со оглед на тоа дека никој не ја рецензираше, да не предложиме нова книга за овој месец, да ја читаме онаа која беше предложена минатиот месец: Се мислам да ставам крај од Ијан Руд. Јас ја почнав и ми се допаѓа. :)

Ако некој досега не предложил книга, а има желба и волја, слободно нека ми напише или листа на книги или една книга која сака да ја читаме наредниот месец. @Lavender и @Ptolomej, сакате? :)
 
Член од
29 ноември 2018
Мислења
15
Поени од реакции
44
Дечки, во Филмскиот клуб, поради годишните одмори, направивме едномесечна пауза. Мислам дека и тука, од истата причина, треба да покажеме одредена флексибилност, со оглед на тоа дека никој не ја рецензираше, да не предложиме нова книга за овој месец, да ја читаме онаа која беше предложена минатиот месец: Се мислам да ставам крај од Ијан Руд. Јас ја почнав и ми се допаѓа. :)

Ако некој досега не предложил книга, а има желба и волја, слободно нека ми напише или листа на книги или една книга која сака да ја читаме наредниот месец. @Lavender и @Ptolomej, сакате? :)
И јас би сакала да ја прочитам „Се мислам да ставам крај“, си ја купив деновиве па супер штом рокот за читање е продолжен. Ќе успеам да ја прочитам вака секако. :jeeee:

Отприлика знам што се вртеше изминатиов период во клубов, меѓутоа да разгледам малку подобро што зјае и по моиве листи, ќе склопам некоја па може ќе се најде нешто интересно. :)
 
Член од
29 ноември 2018
Мислења
15
Поени од реакции
44
Уште многу малку имам и јас, нешто помалце од 60 страници. Не можев да ја оставам, ама очи ми клапнаа за спиење синоќа па се предадов. :)
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
"Се мислам да ставам крај"- Ијан Рид

Мислам дека досега ова ми е најконфузната рецензија со оглед на тоа дека требаше да ги собирам сите делчиња од сложувалката кои беа растурени ширум книгата со цел да го добијам психолошкиот мозаик. Се надевам дека мојот обид ќе биде успешен.

Притоа да напоменам дека по оваа книга има снимено и филм, мене не ми е гледан, во прва можна прилика ќе го изгледам.

Во самиот зачеток на книгата можеме да ја проследиме авантурата, на младата двојка, Џејк и неговата безимена девојка и нараторка, кон фармата на неговите родители кои сеуште не ги има запознаено.

100 страници на патот, привремено залутиваме во минатото на девојката на Џејк, будејќи спомени и од нејзиното најрано детство комплексноста на нивната врска, па и комплексниот карактер на Џејк. Тука приказната почна да ми станува досадна.

Навлегувавме, поинтензивно и поинтензивно, во нивната врска, во која недостасуваше страст, комуникација и емоции од интровентниот Џејк. Дури помислив на неговата емоционална интелигенција, која на ниту еден начин не ја манифестираше, ирелевантен е гестот за виткање на апчињата против главоболка. Онака, крајно досаден човек кој преферира да ја слуша музиката и да внимава на калливите рурални патчиња, отколку да го искористи времето и да поразговара со неа. Сепак, она собира храброст да му раскине, да стави крај на врската во која е несреќна, со некогаш наоѓа некоја причина да го пролонгира тој миг.

Од она што ми фати око беше и философијата. Мислам дека може да се развие извесна дебата околу овој спојлер, кој е извадок од книгата:
Стар пример кој се користи на наставата по философија од прва година:

Тод има мало растение со црвени листови во собата. Решава дека не му се допаѓа како изгледа и сака растението да изгледа како другите растенија во домот. Па, така, внимателно го бои секое ливче зелено. Кога растението ќе се исуши, не се забележува дека растението е офарбано. Изгледа зелено.

Следниот ден му се јавува пријателката. Таа е ботаничарка и го прашува дали може да му позајми зелено растение за некој нејзин експеримент. Тој вели не. Следниот ден, друг пријател, овој пат сликар, го прашува дали може да го земе растението како модел за нова слика. Тој вели да. Двапати му е поставено прашањето и дава обратни одговори, а секојпат е искрен.

Другиот сегмент на философијата, малку помрачна, и за која никогаш немам размислувано, е за различните степени на смрт (се потенцира кај смрзнатите јариња).

Делот во фармата целосно ќе го Рипнам. Она што ми остана мистерија се гребаниците на вратата.

Зошто никаде не е прикажано нејзиното име? Затоа што не го знае.

Сите настани, целата приказна, сето тоа е креација на неговиот ум, една ретроспектива на настани, по рушењето на неговиот здравоумен свет, настани кои евентуално би се случиле доколку и го дал бројот во тој бар.

Во врска со делчињата од сложувалката:

Прво тука се траумите од детството, кои сметам дека се случиле. Како онаа со тетка Вил. Има одредена логика, при размената на маст, што ја има во изобилие на секоја фарма. Но тука мислите ми заминаа во друга дирекција, откако ја прочитав книгата. Мислев дека, еден период од животот, мајка му и татко му го пораснале како девојче. На ова се надоврзуваат и сликите со долга коса, кои личат на него (т.е. на неименуваната нараторка), па и тетка Бил му се обраќа како да е девојче. Потоа преминав на високиот човек, кој мавтал со раката, додека таа (т.е. тој) спиела. Ја гледал додека спие. Потоа истата слика, истиот спомен, се пресликува ноќта кога, нели, влегуваат во училиштето. Причината за неговото избувнување е истата гестикулација. И на крајот, секако, тука е неговата маичка во училиштето.

Да ја надоградам тезата, ја искористив, како аргумент, и сликата во подрумот. Од една страна имаше момче, секогаш во аголот а од друга страна жена со долги нокти.

Кога сме кај ноктите, во неговата манифестација за неговите родители, неговата мајка имаше одредени здравствени проблеми, идентични како оние кои ги има и Џејк. Мислам дека ни потсвесно не е свесен за интензитетот за тие проблеми (иако може и навистина неговата мајка го имала, па е наследно!). Но со оглед на гласовите, косопадот и недостатокот на нокт (како и она кое ќе го објаснувам во следниот пасус), класично губење на реалноста.

Тука е и онаа кратка случка во слаткарницата. Имаме неколку девојки кои се смеат и една, повлечена, со осипи, која ги услужува и покажува загриженост за неименуваната нараторка. Од оние кратки приказни на реалосна, од дијалозите меѓу наставниците, полицијата, луѓето од заедницата и детективите, дознаваме дека и тој имал идентичен осип на рацете и на вратот!

Тука, секако, влегуваат и повиците од својот број. Мистериозниот Јавувач. Си ѕвони од својот број. Самиот на себе.

Сеуште не ми е јасно од каде беа гребаниците во нивната куќа. Дури и беа прикажани на неговиот татко (прво имаше еден фластер, а потоа и втор!)! Што требаше да значат?

Дури, на ноќта во паркингот пред училиштето, и се ослонува на неговата работа, како неа, дека била мирна и тивка, и не морал да комуницира со колегите.

Мислам дека Стеф, некогаш, му била девојка.

Извитопереноста на приказната, од старт ни укажува на крај на врската, но посведочуваме на тенденциозно рушење на ментален склоп, и репетиторно повторување на едната иста порака, за на крај, со пресврт на настаните, да воочиме дека станува збор за сосем поинаков крај.

Се мислам да ставам крај. Што чекаш?
 
Член од
29 ноември 2018
Мислења
15
Поени од реакции
44
И јас останав збунета. Не од содржината, туку од начинот на кој ме допре. Тажна книга полна со болка, не очекував ни малку сличен развој на нештата, а си имав доста теории.
На пример, кога зборуваа за брат му, дека не бил баш добар, ми проработи кинкот за комерцијалки. :icon_mrgr:
Си се запрашав - леле зарем? ЕВЕ го убиецот, ќе им се појави од некоја заседа, ќе ги испоубие сите 100%. И сега ми е смешно, со сè што се случи да, доста наивно сум се фатила во првото нешто што ми падна на памет.

Неодамна читав нешто што не можам да кажам дека е многу слично, но и е на некој начин. Ако кажам зошто и како, мислам дека ќе го откријам главниот спојлер во „Се мислам да ставам крај“, а книгава, оваа што ја читав, навистина вреди.
I know this much is true од Wally Lamb - речиси 900 страници исткаени во неверојатна, маестрална приказна. Незаборавна книга. Таму се работи баш за двајца идентични близнаци, од кои едниот развива шизофренија, па разработени се баш опипливо и сликовито некои моменти. Од тука природно можеби ми дојде „заклучокот“ дека и со „Се мислам да ставам крај“ ќе испадне нешто слично. Сега ми е баш смешно ова, но многу сум среќна што книгава понуди нешто поразлично ете.

Ми осцилираа и впечатоците и импресиите - почетокот ко класичен roadtrip, си реков па океј е, мислев дека ќе биде многу помонотоно.
Колку добри атмосфери имаше, мислиш Цумтор раскажувал просторни доживувања низ целата книга. Се чувствував како дел од приказната и на моменти си бев убедена дека нема да биде толку тивок трилер, дека можеби ќе наликува на „Танц во темнината“ од Стејнар Браги. Сега сè ми изгледа смешно и не знам што е со споредбиве, ама си беа дел од процесот, па ќе си ги спомнам без оглед на сè. :)
Е некако после деловите со фармата ѝ се препуштив на книгава, тотално потонав во неа и оставив „да биде што ќе биде“. Без претпоставки, без нагаѓања. Беше лудо едно возење, но ми разбуди многу неубави чувства, тага пред сè. Чувствувам огромна тага, пак не знам како да објаснам зошто.


Друго нешто што ми падна на памет откако ја прочитав книгава:
И мене ме заскокотка ова со фотографијата на која Џејк бил мало детенце со долга коса. Исто и моментот кога Вил му се обрати ко да е девојче. Ми се врати филмот на овие делови по читањето, па си помислив дека можеби, мајката била една од оние мајки кои манично посакувале ќерка и така и се однесувала кон Џејк, ко да е девојче. Сигурно тоа си имало реперкусии понатака во неговиот развој, па се појавил синдром на повеќекратна личност и една од личностите е и неименуваната. Првичниот впечаток ми беше дека има шизофренија, но откако ми спласна еуфоријата, натака во тој правец ме носат мислите, дека можеби кај него се развил СПЛ и една од личностите била насилна, можеби и самиот тој бил пред скроз да се повлече во себе. Не знам колку има логика, ама можеби тука некаде лежи одговорот за гребаниците по вратата (пример, го затварале додека добивал напади, па работиве закопани длабоко во него, ги вадел на платното во подрумот) и оние над веѓата на таткото, којзнае...
Сигурно намерно се оставени вака некои деталчиња, ко да висат во воздух, за секој да си протолкува на свој начин. Мене сево ова што го изнапишав, во еден момент ми е брилијантна теорија, во следниот си велам дека нема врска и така во круг. :)

Како и да е, крајот никогаш не е лесен. Без разлика на што се мислиш да ставиш крај, никогаш не е лесно и нема да биде. Можеби ќе ти треба и процес на одболување пред конечно да пресечеш. Јас книгава ја доживеав баш на овој начин - една ретроспектива, едно долго одболување на сè што имаш и сè што немаш, пред засекогаш да ставиш крај. На врската, на животот, на себе, на нас. Горчливо и тажно, поинаку не може да биде.

Филмот на Нетфликс одамна ми е пикнат на листата, само намерно не го гледав пред да ја читам книгата. Би го гледала, ме интересира како е изведена целава ситуација.
 
Член од
29 ноември 2018
Мислења
15
Поени од реакции
44
Се надевам дека ќе ви се допадне и мојот предлог: месецов ќе ја читаме „Чудото“ од Ема Донахју. :)

Сигурно се сеќавате или пак сте слушнале за филмот „Соба“. Тој е всушност екранизирана верзија на една од најпознатите книги на Ема Донахју, книга со која успеа да се прослави и да си го отвори патот во книжевниот свет. Станува збор за доста умешна авторка, знае да експериментира со жанровите, но според она што досега го имам прочитано од од неа, имам чувство дека историска фикција најмногу ѝ лежи.

Авторката потекнува од Ирска и дејствијата во нејзините книги обично се сместени таму некаде во тој регион.

И „Чудото“ не е исклучок. Во неа ќе читаме за „девојчето-чудо“ кое живеело некаде во средината на 19-ти век. Се работи за 11-годишната Ана О'Донел, една од многуте девојчиња кои се изгладнувале до смрт во името на Бог. Во тој период вопшто не било невообичаено да се појават ликови кои се движеле од еден екстрем во друг, па гладување под закрила на религијата било само капка во океанот, но и актуелен тренд во кој секако имало и многу измамници. Дали и малата Ана мати некоја позадинска игра или не, ќе се обиде да дознае Либ Рајт, која патем е медицинска сестра од редот на Флоренс Најтингел. Не ги поднесува Ирците, не ги поднесува ваквите девојчиња кои сè почесто и почесто излегуваат на виделина, го презира католицизмот.
Што ли само бара таква жена во затуцаното селце во близина на Алтон?

За сите заинтересирани: книгата е издание на Полица.

Пријатно читање на сите!
 

Darklady

Модераторка
Член од
29 октомври 2011
Мислења
5.541
Поени од реакции
34.841
„Чудото“ од Ема Донахју

Книгава е еден психолошки роман, за верувањата и верскиот фанатизам, за скриените злосторства и казните, за љубовта и вистината, за личниот избор и моралната одговорност, за постапките и каењето, за тоа што се случило во минатото и она што треба да се случи во иднината.
Еден облик за човечка злоупотреба, каде што на суптилен, скриен и „оправдан“ начин злосторникот е скриен позади превезот на „доброто“ затоа што „Се е во Божји раце“, а злоупотребениот не е свесен дека врз него се врши злоупотреба.
Книга каде што секој е виновен на свој начин, секој си ја носи сопствената приказна и верување, без да се согледаат последиците, кои можат да бидат катастрофални.

Првите 40 страни ми беа крајно досадни. Монотони, без никаква динамика, премногу развлечено, непотребно.
Запознавање на медицинската сестра Рајт и причините зошто воопшто е пратена во мало сиромашно село. Многу набрзо се среќава со верскиот фанатизам кој владее во Ирска, преточен преку животната приказна на 11 годишната Ана О Донел, која веќе 4 месеци живее само на 3 лажици вода дневно и не внесува никакво друго јадење. Дете кое верува дека храна не и е потребна. Се чувствува добро, здрава е, весела и се моли на Бога. Ана е чудото.
И доаѓа до судир помеѓу религијата и науката.
Медицинската сестра која безрезервно верува во науката од една страна, затоа што знае дека човечкиот организам не е дизајниран да живее без храна и сите останати кои веруваат дека девојчето навистина може да живее без храна. Таа верува и е убедена дека станува збор за голема измама. Запрепастена е кога гледа како голем број луѓе се собираат пред куќата на девојчето за да ги допрат и бакнат рацете и нозете на Ана, горат од желба да ја помилуваат, затоа што веруваат дека таа ќе им помогне и ќе ги излекува. Тие веруваат дека малата Ана е светица.
Во очите на Либ, Ана е само една малечка измамничка, вешта лажливка, учесничка во гротеска фарса, дете со перверзна природа во себе, едно чудовиште на бездушноста. Опсесија, манија, болест на умот, хистерија, лудило.
После обвинувањата и сомнежите, доаѓа делот на преиспитување.
Како една религија може да ја исполни главата со морбидни глупости?
Зарем може едно неухрането дете, кое тврди дека е во одлично здравје, навистина да живее без никаква храна?
Што доколку Ана не лаже?
Дали девојчето навистина веруваше во својата приказна?
Дали е во границите на можноста еден добро истрениран ум, да му нареди на телото да продолжи да функционира без храна, барем на одредено време?
И кога конечно ќе ја запознае подобро, Либ сфаќа дека сепак станува збор за дете со чудна, тивка цврстина, обвиткана со здив на самоуправување, едно исклучително дете со голема интелегенција и остроумност.
Но Ана крие мрачни тајни, ужасен товар на гробот на 11 годишно девојче.
...
Една комплексна книга која на еден специфичен начин ќе започне да се движи преспоро, за да премине во брзина која ќе ви го сврти светот наопаку и на крај ќе ве остави со подотворена уста. Книгава е инспирирана од речиси 50 тина случаи на т.н. „Девојки што постат“ забележани во Ирска, Англија, Западна Европа и Северна Америка од XVI до XX век. Девојки и жени од различни возрасти и различно потекло.

Големо благодарам нa @Lavender за предлог книгата, затоа што сама сигурно немаше да ја прочитам книгата. Ми се допадна како целина, убаво ме размрда и ми понуди вистински рингишпил од емоции.

П.С. „Понекогаш морате да бидете сурови, само за да успеете да бидете добри“- Вилијам Брн
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
Прекрасен избор на книга @Lavender , на почетокот бев доста скептичен, не верував дека ќе ми се допадне книга за верскиот фанатизам, барем така ја гледав, но книгата е одлична. Одличен предлог, до понеделник ветувам дека ќе скоцкам една убава рецензија. :love:

Дојде мојот ред за предложување на книга и се одлучив за...

Зафон е еден од моите најомилени писатели кој првично ме освои со детските книги односно книгите наменети за помладата читателска публика, а потоа еднакво, ако не и повеќе, уживав во серијалот на Гробиштата на заборавени книги.

Сите негови книги се проткајани со една мрачна нишка, со страв, со смрт, со црнило. Имам прочитано се по ред, со исклучок на "Градот од пареа" која е издадена постхумно.

Кариерата ја започнува во раните 90-ти, со "Принцот на темнината", а потоа ги пишува и "Полноќната палата" и "Септемврискиот светлини". Во раните 2000-ти го издава својот прв роман за возрасни "Сенка на ветрот", а потоа и неговиот приквл "Играта на ангелот", "Заточеник на небото", "Лавиринт на духовите" и постхумно" Град од пареа". Сами по себе, првите две книги од овој серијал, а веројатно и најдобрите негови книги, веќе спаѓаат во категоријата на модерни класици и топло ги препорачувам на секој кој досега ги нема прочитано. Сите се во издание на Матица.

И, да, сите книги можат да се читаат засебно, иако убаво е да се прочита целиот серијал со ред, сем "Заточеник на небото".

Ноооо, мостот во неговата кариера, од писател за деца кон писател за возрасни претставува "Марина". Во предговорот на шпанското издание, кое го има и во книгата објавена од Матица, самиот писател многу јасно нагласува дека оваа книга му е една од најомилените негови објавени книги!

Се сеќавам кога ја купив оваа книга, на задната страна, каде вообичаено стои кратката содржина на книгата или барем кратки позитивни препораки, ударните неколку реченици кои треба да ја разбудат и разгорат читателската љубопитност, имаше само кратка белешка за авторот! Маркетинг тимот на Матица, во тој сегмент, има потфрлено. Се сеќавам дека ја прочитав доста брзо и дека не ми остави некаков впечаток, па после долго размислување, а чие расположение ми се поклопува со ова тмурно време, се решив сите заедно да го читаме овој роман од Зафон во издание на Матица.

Во месец октомври ќе ја читаме "Марина" од Карлос Руиз Зафон во издание на Матица. Се надевам дека ќе ви се допадне и дека ќе уживате. :love:
 
Член од
29 ноември 2018
Мислења
15
Поени од реакции
44
Луѓе, баш ми е мило што испадна вака. Мене книгава којзнае колку време ми стои непрочитана, со години можеби. Ја купив затоа што многу ја сакам авторкава, но не верувам дека самоиницијативно ќе ја читав наскоро, без некој вака да ме поттурне.
Првото поглавје не ѝ предвидуваше баш светла иднина на книгава, морам да признаам и јас.
И малку се загрижив, си реков што ли им одбрав на луѓево за читање, баш фино ќе си пукнеме сите од досада. :)))))))

Дури не ми се верува колку добро спакувана испадна на крај. Добра е Ема Донахју, секогаш нејзините книги имаат некој чуден и сув почеток, за откако ќе се постави основата на самата приказна, да убрза темпо со нешто што тотално ќе те остави без коментар.
И јас бев многу скептична за темиве опишани на задната корица. Да, религија и верски фанатизам секогаш се нешто скокотливо, но во исто време се и доста несигурен терен.

Не знам што друго да додадам, што не е кажано досега.

Кога ќе се случи „големата експлозија“ и пожарот ќе ги изгори остатоците од минатото, сфаќаме дека низ смислата на грижење, надгледување, постење, бдеење и смена, Ема го објаснува циклусот на повторното раѓање на ликовите. Онакви какви што требало да бидат отсекогаш, пред да почне да им натежнува бремето на животот.
Од еден заколнат верник, се раѓа вистинското лице на една себична будала, која буквално си го експлоатира детето, единственото кое ѝ останало живо и здраво. Од еден скептик, од една жена со урната надеж, од која биле одземени улогите мајка и сопруга, се раѓа баш тоа - мајка која се бори да го спаси животот на едно дете. И од едно многу повредено девојче, имаме повторно раѓање на дете, на една ќерка - безгрижна и среќна, без живеење под капата на некои наметнати екстреми.
Одлични ликови, многу комплексни пред сè, а книгава навистина испадна една од оние кои долго ќе се памтат.

Единствено не бев на чисто што мислам за епилогот. Првиот впечаток ми беше дека можеби воопшто не бил потребен таков холивудски крај. Но, кога малку спласна еуфоријата дека ја прочитав книгата со најмонотониот почеток и дека всушност испадна зачудувачки добра, ми светна дека после еден таков бродолом, Либ заслужи да си врати сè што изгубила, а Ана заслужи да добие семејство. И тоа отприлика. :)
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
Океј дечки, во месец ноември ќе имаме слободна книга, книга по избор (со исклучок на Мураками кој ни е Писател на тапет). Во меѓувреме дочитајте ги недочитаните книги и напишете некоја реченица за нив. Јас должам две рецензии, и за "Чудото" и за мојата "Марина". Имам по 50тина стр од двете. :sramezliv:

Во месец декември, книга ќе предложи таткото на оваа тема @Sussaro .
 

Kajgana Shop

На врв Bottom