„Чудото“ од Ема Донахју
Книгава е еден психолошки роман, за верувањата и верскиот фанатизам, за скриените злосторства и казните, за љубовта и вистината, за личниот избор и моралната одговорност, за постапките и каењето, за тоа што се случило во минатото и она што треба да се случи во иднината.
Еден облик за човечка злоупотреба, каде што на суптилен, скриен и „оправдан“ начин злосторникот е скриен позади превезот на „доброто“ затоа што „Се е во Божји раце“, а злоупотребениот не е свесен дека врз него се врши злоупотреба.
Книга каде што секој е виновен на свој начин, секој си ја носи сопствената приказна и верување, без да се согледаат последиците, кои можат да бидат катастрофални.
Првите 40 страни ми беа крајно досадни. Монотони, без никаква динамика, премногу развлечено, непотребно.
Запознавање на медицинската сестра Рајт и причините зошто воопшто е пратена во мало сиромашно село. Многу набрзо се среќава со верскиот фанатизам кој владее во Ирска, преточен преку животната приказна на 11 годишната Ана О Донел, која веќе 4 месеци живее само на 3 лажици вода дневно и не внесува никакво друго јадење. Дете кое верува дека храна не и е потребна. Се чувствува добро, здрава е, весела и се моли на Бога. Ана е чудото.
И доаѓа до судир помеѓу религијата и науката.
Медицинската сестра која безрезервно верува во науката од една страна, затоа што знае дека човечкиот организам не е дизајниран да живее без храна и сите останати кои веруваат дека девојчето навистина може да живее без храна. Таа верува и е убедена дека станува збор за голема измама. Запрепастена е кога гледа како голем број луѓе се собираат пред куќата на девојчето за да ги допрат и бакнат рацете и нозете на Ана, горат од желба да ја помилуваат, затоа што веруваат дека таа ќе им помогне и ќе ги излекува. Тие веруваат дека малата Ана е светица.
Во очите на Либ, Ана е само една малечка измамничка, вешта лажливка, учесничка во гротеска фарса, дете со перверзна природа во себе, едно чудовиште на бездушноста. Опсесија, манија, болест на умот, хистерија, лудило.
После обвинувањата и сомнежите, доаѓа делот на преиспитување.
Како една религија може да ја исполни главата со морбидни глупости?
Зарем може едно неухрането дете, кое тврди дека е во одлично здравје, навистина да живее без никаква храна?
Што доколку Ана не лаже?
Дали девојчето навистина веруваше во својата приказна?
Дали е во границите на можноста еден добро истрениран ум, да му нареди на телото да продолжи да функционира без храна, барем на одредено време?
И кога конечно ќе ја запознае подобро, Либ сфаќа дека сепак станува збор за дете со чудна, тивка цврстина, обвиткана со здив на самоуправување, едно исклучително дете со голема интелегенција и остроумност.
Но Ана крие мрачни тајни, ужасен товар на гробот на 11 годишно девојче.
...
Една комплексна книга која на еден специфичен начин ќе започне да се движи преспоро, за да премине во брзина која ќе ви го сврти светот наопаку и на крај ќе ве остави со подотворена уста. Книгава е инспирирана од речиси 50 тина случаи на т.н. „Девојки што постат“ забележани во Ирска, Англија, Западна Европа и Северна Америка од XVI до XX век. Девојки и жени од различни возрасти и различно потекло.
Големо благодарам нa
@Lavender за предлог книгата, затоа што сама сигурно немаше да ја прочитам книгата. Ми се допадна како целина, убаво ме размрда и ми понуди вистински рингишпил од емоции.
П.С. „Понекогаш морате да бидете сурови, само за да успеете да бидете добри“- Вилијам Брн