4/15
The Hand of God / È stata la mano di Dio - Италија
Никогаш не би помислил дека ќе речам дека ми се допаднал филм на Сорентино. Еден од моите најомразени режисери, зашто сметав (и по малку се уште сметам) дека е претенциозен и копикет на Фелини, повторно по малку го копира Фелини, ама овојпат како да не го крие тоа, туку дури и го додава Фелини во филмот, со што како да ни кажува: ОК де, секој може да е под нечие влијание, така и јас сум под негово. И тоа е некако сосема легитимно и можеби затоа не го мразев филмов. Напротив: првите две третини од È stata la mano di Dio беа вистинско уживање. На крајот кога младиот Фабието остана скршен по тоа што се случи и откако почна да се бара себеси, некако како да ми падна филмот. Се смени и тонот, се сменија и боите (што исто е сосема ОК), се смени дури и динамиката, што го направи малку досаден. Но, генерално - солиден филм! Ова има сериозни шанси да земе Оскар. Од мене, само 7/10
Инаку, најјак дијалог:
Брат му: Да можеш да бираш: да ја ебеш тетка Патриција или Марадона да дојде во Наполи, што би одбрал?
Фабието: Марадона во Наполи.
5/15
Lamb / Dýrið - Исланд
Е ова беше... чудно искуство. Приказна инспирирана од исландскиот фолклор и претворена во нешто измеѓу емотивна драма и хорор. Филмов како да не мрднува од место, исто како што не мрднува од место животот на (скоро) единствените двајца протагонисти тука: Марија (Нуми Рапас, ја знаеме по The Girl With Dragon Tattoo, оригиналниот, шведскиот) и Ингвар, кои одглумија маестрално. Е, ама се случува нешто што ќе ве здрма, ќе ве потресе, од што ќе ви се згади, ќе ви се згрози животот и ќе ве извади од патики... (не сакам да спомнувам ништо, внимавајте на спојлери!), а тие мртви ладни, го прифаќаат новиот живот ко да е тоа нешто сосема нормално. Чуден, многу чуден филм, од една страна згрозува, од друга воодушевува и извонредно раскажува една тажна приказна. Фотографијата е маестрална! Музиката токму по мерка како надополнување на целиот амбиент (композитор е Валдимар Јохансон, самиот режисер на филмот! Толку луѓе има во Исланд, мора да се мулти-таскинг.
). Глумата и режијата беспрекорни. Но нешто како да ми фалеше. Можеби повеќе објаснување, зашто филмот сака да не нахрани со трошки лепче. Можеби малку поинаков расплет. Но во секој случај, браво и за оригиналноста, браво и за храброста, и се тоа мислам дека мора да се вреднува. Од мене 7/10 и тука!
А, да, ќе заборавев ова: во сцената кај што гледаат ракомет се слуша коментаторот кај што вика: Macedonia, а подоцна се гледа - гледаат натпревар помеѓу Македонија и Исланд, и Македонија победува: