Се менува наративот на приказната за короната и вакцината. Сепак не сме знаеле доволно и немаме податоци т.е. се беше верба и надеж, а не наука.
Сега вакви патетики ќе се изнаслушаме и од CNN, NYT, WP, како што се зголемуваат бројот на болни во Њујорк, еве сега и Орегон иако имаат над 55% вакцинирани со две дози.
Анегдотите ни го кажуваат она што податоците не можат: вакцинираните луѓе се чини дека добиваат коронавирус со изненадувачки висока стапка. Но не е јасно точно колку често, ниту е сигурно колку е веројатно дека тие ќе им го шират вирусот на други, вели Блумберг.
www.mkd.mk
Иако е очигледно дека вакцинацијата сѐ уште дава моќна заштита од вирусот, постои зголемена загриженост дека вакцинираните луѓе можат да бидат поранливи на сериозна болест отколку што се мислеше.
Недостигаат научни студии со конкретни одговори, па креаторите на јавните политики и директорите на корпорациите мораат плановите да ги формулираат врз основа на штури информации. Додека некои го враќаат задолжителното носење маски или го одложуваат отворањето на канцелариите, други велат дека поради нејаснотиите ќе останат на досегашните правила. Сето тоа може да личи на хаос.
„Мора да бидеме скромни во однос на она што го знаеме и она што не го знаеме“, рече Том Фриден, поранешен директор на Центарот за контрола и превенција на болести и шеф на непрофитната организација Решете да спасите животи. „Има неколку работи што можеме да ги кажеме дефинитивно. Едно од нив е дека ова е тешко прашање за решавање“.
Во отсуство на јасни јавноздравствени пораки, вакцинираните луѓе се збунети како да се заштитат. Колку тие се ранливи е клучна непозната не само за здравствените власти, кои се обидуваат да откријат, да речеме, кога може да бидат потребни засилувачки дози, туку и за оформување на одлуките дали повторно да затворат сѐ во екот на нов вирусен бран. На микрониво, непознаниците предизвикаа љубителите на музиката да не се сигурни дали е во ред да се оди на концерт, како и нов круг паничење меѓу родителите, кои си замислуваат како ќе изгледа наставата во училиште.
Наместо одговори, она што се појави се мноштво студии на случаи, кои даваат малку поинакви слики за заразувањето на вакцинираните. Прашањата од типот кога биле спроведени испитувањата, дали веќе го имало делта-сојот, колку од населението било вакцинирано, па дури и какви биле временските во тоа време, го отежнуваат споредувањето на резултатите и разгледувањето на моделите.
Тешко е да се знае кои податоци на крај би можеле да имаат поголема тежина.
„Сосема е јасно дека сега имаме повеќе заразувања на вакцинирани“, рече Моника Ганди, експерт за заразни болести на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско. „Сите познаваме некој вакциниран што се заразил. Но немаме добри клинички податоци“.
Едно од најпознатите жаришта меѓу вакцинираните луѓе се случи во малиот град Провинстаун, Масачусетс, кога илјадници и вакцинирани и невакцинирани се собраа на танцувачки подиуми и на домашни забави во текот на викендот на четврти јули за да го прослават празникот – тоа личеше на пресвртница во пандемијата. Околу три четвртини од 469-те заразени беа вакцинирани луѓе.
Авторите на студијата за случај на ЦДЦ рекоа дека ова може да значи дека е исто толку веројатно дека тие го пренесуваат ковид-19 како и невакцинираните.
Сепак, предупредија тие, бидејќи сега повеќе луѓе се вакцинирани, природно е дека тие исто така ќе претставуваат голем дел од заразените со ковид-19 и оваа студија не беше доволна за да се извлечат заклучоци. Инцидентот го натера ЦДЦ да ја поништи препораката издадена само неколку недели порано и уште еднаш да ги повика вакцинираните во одредени услови да носат маски.
Како и да е, според Ганди, специфичните детали на тој кластер на случаи можеби го направиле тоа жариште особено лошо.
„Стапката на жаришта со благи симптоми кај оваа популација беше повисока поради многуте активности во затворен простор (вклучително и интимност), поради дождот тој викенд, седењето внатре во поголем дел од времето и мешавината на луѓе со различен статус на вакцинација“, рече таа во мејл.
Една новообјавена, далеку поголема студија на случај на ЦДЦ на инфекции во државата Њујорк, во меѓувреме, откри дека бројот на заразените вакцинирани постојано се зголемува од мај, што претставува речиси 4% од случаите до средината на јули. Тие истражувачи предупредија дека факторите како што се олеснување на мерките и порастот на мошне заразниот делта-сој може да влијаат на резултатите.
Уште една студија на случај на ЦДЦ, во Колорадо, откри дека стапката на заразени вакцинирани во една област, Меса, е значително повисока од остатокот на државата, на 7% наспроти околу 5%. Извештајот сугерираше дека тоа е можеби затоа што делта-сојот таму кружи пошироко, но исто така истакна дека возраста на пациентите во Меса и пониската стапка на вакцинација може да одиграле улога.
Се чини дека истражувањето на Израел ја поткрепува идејата дека заштитата од тешко заболување опаѓа во месеците по инокулацијата, а во поново време, дека заразените вакцинирани на крај може да доведат до зголемување на хоспитализациите. Информациите се прелиминарни и тешките случаи кај вакцинираните сѐ уште се ретки, но ја поткрепуваат тезата дека на некои луѓе ќе им треба дополнителна доза во наредните месеци.
Студиите на случај и податоците од некои држави во САД на сличен начин покажуваат зголемување на бројот на заразените вакцинирани со текот на времето. Но додека делта-сојот е во пораст, тешко е да се каже и дали е виновен избледениот имунитет кон кој било тип инфекција со коронавирусот, или вакцинациите се особено неефикасни против делта-сојот. Може да бидат и двете, се разбира. Променливото однесување кај вакцинираните луѓе исто така може да биде фактор, бидејќи тие им се враќаат на друштвените собири и патуваат и излегуваат во затворени простории.
И покрај сето ова, некои факти се добро утврдени во овој момент. Вакцинираните луѓе заразени со вирусот многу поретко ќе треба да одат во болница, многу поретко ќе имаат потреба од интубација и многу поретко ќе умрат од болеста. Нема сомнение дека вакцините даваат значителна заштита. Но голем дел од нацијата - скоро 30% од возрасните во САД - не се вакцинирани, факт што здружен со мошне заразниот делта-сој ја турна земјата во нов бран епидемии.
„Големата слика тука е дека вакцините функционираат и дека причината за скокот во САД е што имаме премалку вакцинирани“, рече Фриден.
До одреден степен, се очекуваат заразени вакцинирани од кој било вирус. Во клиничките испитувања, ниту една вакцина против ковид не беше 100% ефикасна - дури ни најдобрите вакцини никогаш не биле. Колку повеќе кружи вирусот, толку е поголем ризикот од заразени вакцинирани. Исто така, вообичаено е некои аспекти на вирусниот имунитет природно да исчезнат со текот на времето.
Засега, едноставно, има повеќе прашања отколку одговори. Дали бројот на заразените вакцинирани скока поради делта-сојот, намалениот имунитет или враќањето во нормален живот? Дали вакцинираните луѓе се поранливи на тешки болести отколку што се мислеше? Колку е често заразувањето на вакцинираните? Никој не знае.
„Генерално, јавноздравствените одлуки треба да ги донесуваме врз основа на несовршени податоци“, рече Фриден. „Но толку многу работи не знаеме“.