Еден член погоре саркастично пиша дека ова е 50-то уништување на фудбалот што го видел. Поентата на оние кои ја поддржуваат оваа лига е дека се ќе си биде исто, луѓето само пишуваат негативни коментари и се плашат без потреба. Фудбал ќе се игра, сонцето пак ќе свети секое утро, птиците ќе пеат...
Тотално легитимно мислење. И така и ќе биде. Фудбал ќе се игра.
Но фудбалот во суштина веќе е уништен (непопуларно мислење) и секоја наредна промена го прави помалку атрактивен за гледање. Затоа што секоја наредна промена го зголемува
јазот помеѓу екипите на врвот и на дното.
Ќе го аргументирам ова со два примери:
Пред деведесетите, фудбалот глобално беше многу поизедначена игра. Само за пример, Реал страдаше во бивша Југославија, губеше не само од Црвена Ѕвезда туку и од екипи како Ријека. Се разбира, тогашните Ѕвезда и Ријека беа за класи подобри од денешните, но и Реал беше за класи послаб од сегашниот, најмногу поради лимитот од 3 странци по екипа. Немаше голем јаз, и затоа овие натпревари беа супер-атрактивни за гледање а „големите“ екипи се тресеа на секое гостување.
Ова подоцна се наруши од фудбалско-административни причини (Босмановото правило) и нефудбалски причини (Економскиот колапс на источниот блок). Се создаде јаз помеѓу богатите клубови не само од западна и источна европа, туку и внатре во домашните првенства.
Вториот пример, Италија во 90-те, супер атрактивна лига. Зошто? Затоа што јазот помеѓу екипите не беше голем. Не само триото Интер, Милан и Јувентус, туку и Лацио, Парма, Рома, Болоња, Фиорентина итн... имаа супер екипи, секоја од нив полна со фудбалски имиња. Денес, напревар помеѓу Интер и Болоња е жива досада, затоа што има преголем финансиски јаз помеѓу нив.
Но паралелно со тоа, во потрага по повеќе пари се случи ЛШ, и се тргна надолу. Најатрактивното натпреварување КЕШ, кој беше чист нокаут систем, умре затоа што не можеше да генерира доволно пари. Почна ЛШ која на почетокот беше светкава, убава лига, во која екипи како Валенсија или Лион беа хит. Но со време, посебно после ФФП, најбогатите клубови кои беа редовни учесници станаа побогати и сега групната фаза е досадна, во една-две групи ќе се случат изненадувања, во другите ќе си поминат фаворитите. Нокаутот е единственото што вреди да се гледа.
Сите овие екипи кои се одлепија квалитативно во своите првенства, сега имаат проблем. Немаат со кого да играат. Ова не е голем проблем за англичаните кои имаат доста силни екипи, ама за шпанците и италијаните и тоа како е. Нивните натпревари не се доволно гледани кога играат со слаби противници. Спасот го бараат во супер-лига која ќе им донесе свежи пари и која се надеваат дека ќе биде атрактивна.
Но проблемот во лига во која не можеш да испаднеш е дека нема неизвесност. На крајот ќе се сведе на ниво на пријателски натпревари за многу пари. Кога таа лига ќе почне да губи на гледаност, каде ќе одат? Секако, ќе биде многу атрактивна неколку години. Како и се друго, и оваа лига ќе има рок на траење, а тој рок ќе биде многу пократок од КЕШ или од ЛШ. Со сите мани и недостатоци, КЕШ, ЛШ, домашните првенства... беа натпреварувања во кои до последно се тресеш за титула, или за да не испаднеш, зависно од тимот за кој навиваш. Во супер лигата само 5 екипи ќе имаат привилегија да се плашат да не испаднат, другите ќе си тераат курташак. На пример, Интер може да заврши 20-ти, пет екипи над него пак ќе треба да изборат пласман следната година, Интер и понатаму ќе игра во лигата. Ова ги нарушува сите натпреварувачки правила, дури ни со НБА не може да се спореди затоа што од НБА никој не испаѓа.
Што ти е потребно за добар фудбал: систем кој не е досаден за гледање, неизвесност, и пиво. Тоа е се што ти треба за уживање во фудбал. А не омилениот клуб да ти стане 10 пати побогат и да се одлепи од сиромаштијата долу, играјќи во приватна лига со другарчињата, делејќи го профитот. Потребни се мерки кои ќе го намалат јазот во домашните лиги, а не мерки кои ќе исфрлат 12 екипи во стратосферата, кои ќе ги направат 10x поголеми гиганти отколку што се сега, за да не може никој и никогаш да им припари.
Не за таков фудбал. Да за натпреварување, конкуренција, победување, испаѓање. Да за фудбал во кој Интер испаѓа од Менхенгладбах и Шахтјор. Не за фудбал со привилегии.
Прегледај го приврзокот 292631
И на крај: не можете да ги оправдате затоа што ова ќе им донесело повеќе пари. Тоа е исто како да оправдаш разбојник кој ограбил банка, затоа што тоа ќе му донесе повеќе пари. Колку пари прават си е нивна работа, се додека се придржуваат до воспоставениот систем како и сите други. Овие сакаат со пуч да избегаат од системот кој ги прави богати, ама не доволно богати. Тоа е алчност.