Мислење за The Night Menager со Hugh Laurie?
Ја пишував рецензијава за Pickbox, еве ја ако ти врши работа.
(Рецензија) Ноќниот менаџер – нов шармантен џентлмен кој го „украде“ оделото на Џејмс Бонд
Најскапата драмска мини-серија во историјата на BBC, спакувана во само 6 епизоди на љубителите на бондовската шпионажа им донесе нова димензија. Ноќен менаџер (рецепционер) или британски шпион во мисија да го уништи најбогатиот, најбескрупулозниот, најбруталниот и најзлобниот човек на светот. Иако оваа тема е лизгав терен кога вака ќе се постави, изгледа дека конечниот продукт е вистинско освежување.
Она што уште на самиот почеток го исполнува „гладното“ око на гледачот со истенчен вкус е најавната шпица. Оружјето се трансформира во кристални чаши како симбол на отменоста, а дијамантскиот накит пак во злокобни мали летачки објекти кои имаат само една цел – деструкција. Кога веќе сте инволвирани во ваквиот визуелен перфекционизам, спектарот од егзотични дестинации, луксузни хотели и казина само ја надополнува целата шарена естетика. Колоритноста и визуелноста веројатно се најсилниот адут на оваа мини-серија.
Ќе ве шармира и извонредната актерска екипа предводена од фантастичниот Том Хиделстон (Џонатан Пајн). Тука е и Хју Лори (Ричард Рупер) целосно демаскиран од улогата на доктор Хаус по која го препознава целиот свет. Секако, харизматичната Оливија Колман (Анџела Бур) е светлата точка во серијата, ликот што се бори да го донесе лицето на правдата.
Елегантно и интелигентно сте вплеткани во високите структури на британската полиција, животот на корумпираните богаташи и задоволствата што тие можат да си ги дозволат.
Но, тука се и моралните дилеми и семејните проблеми што покрај динамичноста и возбудата го тераат гледачот да подзастане и да се замисли, дали еден озогласен криминалец притоа може да биде и најдобриот татко на светот? Има ли цена хедонизмот кој е овозможен само преку сплетки и постапки од кои страдаат и најневините? Како совршениот татко за своето дете станува монструм за туѓите?
Можноста да се размислува за овие прашања ѝ дава тежина и комплексност на серијата од која сте очекувале дека ќе гледате само матни зделки, динамика и акција. Иако тоа е одличен спој во функција на забавата, на оваа серија не ѝ е дозволено разводенето и развлечено дејствие поради малиот број епизоди. И секако, тоа е огромен плус.
Египет и Лондон како да се соединуваат парадоксално во својата опозитност. Луксузниот хотел наспроти полициската канцеларија, лицето на неправдата наспроти оние што сакаат да ја разоткријат. Локациите толку лесно се менуваат и се претопуваат една во друга, иако секоја карактеристична на свој начин, го исполнуваат со значење главниот негативец – Ричард Рупер. Имено, неговата приспособливост еден дел од денот да се наоѓа на Мајорка, во друг правејќи зделки во Турција, за на крај да ужива во хотелските соби во најлуксузниот хотел во Каиро многу зборува за неговата моќ и авторитетот што го ужива. Неговата љубезност, друштвеност и слаткоречивост му пречат на гледачот веднаш да навива против него. Па дури и лековерноста и наивноста ќе го направат симпатичен и целосно ќе ја сруши сликата што ја имате за – најзлокобниот човек на светот.
Не можеме да ги занемариме и дупките во сценариото кои рака на срце во оваа серија ги има доста. Со оглед на тоа што станува збор за екранизација на истоимениот роман од Дејвид Корнвел познат под псевдонимот Џон ле Кар, а сценариото исто така доаѓа од неговото перо, забелешките за овој дел одат на негова адреса. Иако и самиот во 50-тите и 60-тите години работел во британската шпионажа постојат моменти кои во серијата и не делуваат така реалистично. На моменти тоа е засладена лимонада која ве тера да се запрашате кој е нејзиниот вистински вкус.
Апетитите и нетрпеливоста на гледачот постојано се одржуваат. Тензијата е присутна, не до степен да гризете нокти во исчекување или да не си дозволувате да трепнете, но љубопитноста за настаните што следат ве држи концентрирани сѐ до расплетот.
Џонатан Пајн е совршениот Џејмс Бонд на 21-от век кој како да му го украл оделото на Бонд, а со него и сите џентлменски манири. Женскиот дел од публиката несомнено е благодарен за неговата шармантната насмевка по која се лепат убавите жени за чие присуство во серијата пак е благодарно машкото око. Мелодраматичните , љубовни моменти ризикуваат да се трансформираат во сапуница, но умешно се повлекуваат на границата, токму пред да добиеме чувство на претераност.
Енергично, но ни најмалку импулсивно, полека, смислено и постепено се одмотува и се заокружува целата приказна. Нема недореченост, сѐ добива своја целина и смисла.
Резултатот е дека серијава апсолутно вреди да се погледне, нема да понуди нешто досега невидено, ниту пак некаква катарза. Вреди да се погледне без големи очекувања и да се ужива во речиси 6 часовното „возење“. Предвидливоста и зашеќереноста не ја расипуваат генералната слика, напротив го вметнуваат гледачот во некој нов свет и плејада од ликови кои заслужуваат да им се посвети внимание.