Генерално, митови за Втора Светска има доста, па и оваа епизода си ги има. Митовите за Втора Светска, најчесто, не се чисти измислици, туку фактори кои се преувеличани и/или искривени, или пак мит е само степенот на нивното влијание врз некој исход.
Како и зошто падна Франција, е прашање, кое како и се друго од таа војна, има одговор кој е комплекс од фактори. Секој од нив има различно влијание врз исходот. Некои од тие фактори испаднаа побитни, повлијателни од другите, но сепак резултатот, таков каков што испадна, е производ на сите тие фактори.
Обично за случајов на Франција, се издвојуваат два комплекси од фактори, едните се психолошки, поврзани со менталитетот, а другите се од армиска материјална природа.
Еден од факторите за падот на Франција е
комуникацијата.
Комуникацијата им била проблем на Французите. На секое ниво. И технички и организациски и стратегиски.
На пример, организациски:
Француската комуникација на главната команда со фронтот е комплицирана и неефективна.
Францускиот генерал не се наоѓа непосредно со војската. Не го предводи нападот.
Гамелин својот штаб го има во предградијата на Париз. Тој не комуницира преку радио станици, туку преферира курир и телефон. Нон-стоп од кај него тргнува некој курир на мотор, со некоја депеша, кон подредените. Имам увид во процедурата на пренесување пораки, која ја користел Гамелин, но нема да навлегувам во тоа колку време и раце треба да помине пораката, додека стигне кај тој што треба, на линија. Скратено, според подоцнежното самопризнание на Гамелин, од донесување на извршна одлука на шатбот, требало 48 часови, да поминат, за да стигне кај што треба.
Француската команда затоа не можела да дејствува инцијативно, туку само реактивно.
Реакциите биле вообичаено преспори, предоцна.
Гамелин, Гудериан и Ромел.
Сите тројца учесници во Битката. Сликани тоа време.
Гудериан и Ромел имаат двоглед. На генерал не му треба двоглед, освен ако не е напред со војската и лично не го предводи нападот. Гамелин, секако не може од својот штаб крај Париз да види нешто од фронтот (иако не за долго), па затоа и обично нема двоглед со него. Гудериан и Ромел се речиси буквално на чело од својата армија. Имаат увид, лично, во состојбата.
Гудериан, на пример, кај Седан - првиот бран преку Меза создава мостобран, а Гудериан е веќе во првиот чамец од вториот бран, заедно со (тогаш сеуште) полковник Балк. Нивниот противник во тој регион, полковник Пино, командант на полкот, својата локација ја има во штабот, во Шамон, седум километри јужно од Меза. Командантот на дивизијата, се наоѓа на 10,5 километри од таму, а командата на корпусот на 21 километар од Меза, додека пак армиската команда на 45 километри од таму.
Ваквата поставеност е, меѓу другото, резултат на несогледувањето на духот на времето, од армиски аспект и застарениот менталитет на борба карактеристичен за Прва Светска, кај што е битно генералот да е оддалечен од фронтот, од дометот на артилеријата и другите борбени дејствија.
Стратегисјки, може да се споменат смешните договарања и несогласици, лошата комуникација помеѓу сојузниците. Кој, кога да изведе контранапад, каде во Белгија да биде линијата - едните сакаат ваму, другите - онаму и др.
Технички и тактички, има многу примери. Ама ќе го споменам кај тенковите. Германските иако со послаб оклоп и огнена моќ, покрај тоа што биле поподвижни, имале одличен радио-комуникациски систем, со двострана комуникација. Кај Французите, само тешките тенкови имале радио комуникација (ретко кој од другите). Иако била планирана комуникациската екипираност на тенковите, воглавно сеуште не била инсталирана, а имало и доста неисправна комуникациска опрема.
Потоа, Германците имале посебни дивизиони додатоци за комуникација со воздушната подршка. Значи, армијата на терен директно комуницира со воздушните сили во моментот оперативни изнад нив. Имале специјални возила за ова, со антени. Нешто што не било баш присутно кај сојузниците.