КОРОНАВИРУС
Со 3Д печатање на вентили за респираторни машини спасиле животи во Италија
Италијанска компанија која се бави со 3Д печатење за 24 часа дизајнирала и испечатила 100 вентили за респираторни машини за болница која имала недостаток од нив, јави Би-би-си.
Со помош на вентилите пациентите на интензивна нега се поврзуваат со машините за дишење.
Во болница во Бреша, Италија, на интензивна нега имало 250 пациенти заболени од коронавирус, а вентилите се дизајнирани да се користат еднократно најмногу до осум часа.
Вентилите од 3Д принтерите чинат помалку од 1 евро да се произведат, а да се дизајнира прототипот биле потребни три часа.
Италијанска новинарка Нунција Валини откри дека главниот снабдувач не бил во состојба да ги испорача потребните вентили. Таа ја поврзала болницата со извршниот директор на компанијата Исинова, Кристијан Фракаси.
Фракаси и инженерот Алесандро Ромајоли отишле во компанијата и три часа подоцна се вратиле со прототип.
„Вентилот беше тестиран на пациентка и рекоа дека функционира. Се вративме во канцеларијата и продолживме да печатиме нови“, изјави Ромајоли за Би-би-си.
Парот соработувал и со друга локална компанија за 3Д печатење за да ги задоволат потребите на болницата. Исинова има шест печатачи, а да се изработи еден вентил е потребен еден час.
Компаниите ги изработуваат вентилите бесплатно, но дизајнот ќе остане деловна тајна.
„Вентилот има многу мали дупки и цевки помали од 8 милиметри. Не се лесни да се испечатат. Покрај тоа, при печатењето мора да се внимава производот да остане стерилен и да се направи на клинички начин“, рече Фракаси.
И друга болница побарала помош од компанијата затоа што им недостасувале вентили.
„Не спиевме два дена. Се обидуваме да спасиме животи“, наведува Фракаси.
Италијанска компанија која се бави со 3Д печатење за 24 часа дизајнирала и испечатила 100 вентили за респираторни машини за болница која имала недостаток од нив, јави Би-би-си.
www.mkd.mk