Размислував дали да го споделам со останатите на темата тоа низ што јас поминав кога е во прашање анксиозноста. Решив да ја споделам мојата приказна, иако знам дека ќе се соочам со секакви коментари. Јас ја имам најлошата можна комбинација (анксиозност и продлабочена депресија). На почеток сакам да напоменам дека ова не го пишувам за некој да ме сожалува или да добијам нечие внимание. Го пишувам за сите останати кои поминуваат низ сето ова. Јас искрено не ни знаев што е анксиозноста и депресијата. Кога ќе размислам подобро уште од прво одделение биле присутни во мојот живот. Уште тогаш имав тахикардии и моите ме носеа на доктор, мислејќи дека имам здравствени проблеми од друг тип. Ми се потеа дланките и ме облеваше ладна пот секогаш кога бев помеѓу луѓе. Немав пријатели уште тогаш бидејќи ме сметаа за чудно дете и дел од нив се мајтапеа со мене. Така се повлекував во себе и не бев свесен дека сум депресивен и анксиозен. Имаше денови кога не сакав да одам на училиште. Низ годините мислев дека тоа е нормално и дека сите поминуваат низ тоа. Мојата грешка беше што уште на почетокот не побарав помош и не се заинтересирав да се обидам да дознаам за што станува збор. Имам разговарано со стручни лица , но мене разговорите не ми помогнаа никогаш. Лекови не сакам да земам бидејќи не сакам да сум билка. Инаку сега состојбата ми е значително полоша од почетокот, ама живеам од ден за ден. Се навикнав на тахикардиите и знам дека ја немам таа среќа да ми се случи нешто лошо и дека брзо ќе поминат. Најлошо е кога на личност која страда од депресија, ќе и кажеш да не се самосожалува. А всушност не разбираат дека ти во нив гледаш искрен пријател на кого сакаш да му се довериш за тоа низ кое што поминуваш. Затоа немам доверба во луѓето и не зборувам за својата состојба со никого во реалноста. Имав блиска личност која ја сакав многу, а кога и кажав дека поминувам низ сето тоа ми рече дека сум измислил приказна за да и го привлечам нејзиното внимание. Затоа ако не можете да и помогнете на личноста која поминува низ сето тоа, барем не и одмагајте односно не и создавајте чувство на вина дека таа е виновна за тоа низ кое поминува. Совет за сите кои поминуваат низ ова да посетат психолог, можеби разговорите со него ќе ви помогнат во вашиот случај.