Неспорен е мотивот, членство во ЕУ и НАТО, тоа се легитимни цели на секоја држава од нашиот калибар, неспорни се придобивките и реалноста дека членството таму за нас е императив и во моментов единствен пат кој нуди реални изгледи за вистински промени во нашето 27 годишно независно општество.
И пред некој да ми се нафрли, јас уште пред целата оваа работа околу името да се актуелизира сум зборел дека решение мора да се изнајде, дека ние мораме да изнајдеме некакво решение со Грција кое ќе значи најмала штета, ќе биде компромисно во вистинска смисла на зборот. Дека времето не работи за нас, дека колку повеќе чекаме аргументите се префрлаат на страната на Грција.
Во тоа време беше модерно да се живее антички, да се биде патриот, па ваквите муабети обично беа веднаш дочекувани на нож...
Што е проблемот сега? Проблемот за мене не беше преговарачкиот процес, проблемот за мене е моменталното решение кое се постигна, неговата содржина и формата на договорот...од тоа не сум задоволен.
Долг период се водеа преговори за се тоа да пропадне во вода, буквално. Ваков договор можеше да се постигне во било кое време, секој идиот ќе испреговараше ваков "компромис"
Оваа владеачка гарнитура во вода ги фрли сите предходни децении на преговарање. Па која е логиката на ерга-омнес решение во билатерален спор во услови кога ве признале под уставното име над 140 држави во светот, од кои што повеќе од половина се најрелевантните светски играчи?
Која е логиката на вакво решение со добиена пресуда во ваша полза донесена од највисок меѓународен правен орган во која изрично се вели дека вие сте оштетената страна, дека сите аргументи се на ваша страна, дека Грција нема никаков основ да спори и да ве блокира согласно привремената спогодба која што повеќе од јасно е дека беше прекршена од нивна страна...
Зошто во едни такви услови се потпиша ваков штетен договор со еден куп членови кои што во 90% се обврска наметната кон нас а едниствена обврска на Грција е да не го блокира процесот на нашето зачленување во ЕУ и НАТО, или како што вели Апасиев и јас комплетно се согласувам, дека: ова е пресликана обврска на Грција од времената спогодба. Значи ние по втор пат се договараме со Грците за една иста работа, откако предходно, во 2008 год. на самитот на НАТО во Букурешт еден ист таков договор грубо го прекршија.
Тогаш кои гаранции моменталниов договор ни ги нуди дека во иднина нема повторно да доживееме едно исто такво сценарио?
Јас не сум правник, ама не треба ни да бидам, треба само малку логика за да се види дека договорот е полн со нејаснотии и остава простор секој различно да го интерпретира.
Јас сум сигурен дека ни Заев ни Димитров имаа поим што уствари имаат договорено и потпишано. Ако знаеја тогаш до сега требаше темелно да го образложат договорот во јавност, да кажат каде е компромисот и што е толку добро во него. Истото важи и за опозицијата со Мицковски. Не да глумат лудило и да заобиколуваат, туку јасно да кажат пред народот што е тоа што нечини во договорот.
А не ваму, Мицковски ми изиграва Понтие Пилат, си ги измива рацете од одговорност и вели: "секој за себе одлучува"
Тоа држи вода откако ќе го сподели сопствениот став и ставот на партијата, јасно и гласно. Во случајов бега од одговорност, се претвора во статист, и еден ваков човек во ниту еден случај несмее да претендира за функција иден премиер, ако до тоа доведат идните околности.
И референдумот за мене е апсурд во дадениве околности. На веќе донесена одлука, на веќе склучен договор, потпишан пред цела меѓународна заедница и објавен низ целиот свет, веќе испратена порака дека нашето ново име е "Република Северна Македонија" вие го консултирате народот. Зарем не звучи смешно?
Ако рефререндумот беше распишан пред неговото потпишување и обзнанување пред светот, пред да се превземат такви нелегитимни активности, туку веднаш се консултираше народот, во тој случај се ова што се случува денес ќе имаше смисла. Ќе имаше смисла да се бара мислење и излезност од страна на народот.
Вака кој е мојот мотив да гласам кога предвреме ми е кажано дека моето мислење се множи со нула?
И за крај, извесно е дека на еден или на друг начин договорот ќе стапи на сила. Неуспешен референдум најверојатно само ќе го забави неговото стапување во сила, слично како законот за јазици кој што моментално е ставен на стенд бај.
Мене не ми е јасно, еве и да почнеме преговори со ЕУ, кој тие преговори ќе ги води? Заев? Истиот калибар на продадени политичари од калибарот на Грујо и Бранко? Лубчо Бугарот ли? Бучко? Шекеринска?!?
Кој ќе ги убеди нив да прекинат да крадат, да воведат реформи во судство, да ослободат медиуми, да прекинат со партиски вработувања, да запрат со делење на тендери...затоа што тие се легитимните цели ако сакаме да не биде, мењање име не не менува нас ко народ и нашиот менталитет, за жал.
Јас нема да гласам на овој референдум заради уште една причина, покрај купот горенаведени. Заради тоа што не сакам да им дадам простор утре да го правдаат лошиот договор преку моето учество во него. Затоа што сите гомнарии содржани во договорот со Грција за кратко ќе испливаат. Во тој момент овие лигуши повторно ќе се повикаат на народот, ќе речат народот така гласаше, тој одлучи. Како за се во минатото ќе бегаат од одговорност.