На 02.05 рано утрото, пред да тргнам на прошетка низ Македонија ги ставив сите 5 филма да се симнуваат. Онака, набрзинка, без многу да проверам. И пред некој ден се стокмив да го гледам првиот. Одев според листата на
@moongoses па прв на репертоарот беше Servant. Го пуштам филмот, и коа гледам, пак сум го утнал (еднаш во клубот ми се случи). Сум симнал некој Корејски, романтична-комедија-бајка, но, бидејќи во првите 5-10 минути од филмот имаше една многу јака сцена на која се згазив од смеа, му дадов шанса и го изгледав до крај. Испадна многу лош, очаен филм, на средина дури и досаден, па сега малку ми е мака за потрошеното време, ама не можам да го вратам назад. Вистинскиот Servant уште ми се симнува, па затоа почнав со вториот на листата:
1 филм: Tirez sur le pianiste
Трифо, пак. Скоро го имавме во клубот. Ова беше прекрасно! Кога прочитав дека речиси цело сценарио е импровизација - им текнувало додека снимале, и дека крајот бил снимен врз основа на тоа кои актери му биле достапни во тој момент на сетот, а дека испаднало така како што испаднало, дека филмот е толку добар и покрај се тоа, дека забележал огромен успех кај критиката, и плус собрал многу пари од кино проекциите, па бил своевиден поттик за Трифо да се врати со снимање на класични филмови, направени по постоечко сценарио, едноставно ми беше запрепастувачки момент. За филмот: на моменти ми беше збунувачки што се случува, зашто првата келнерка, жената на Едуард Саројан, и втората келнерка, Лена, девојката на Чарли личеа многу една на друга, па се губев во преводот. Многу доцна сфатив дека сцените со жена му се всушност флешбек сцени, и кога го сфатив тоа исто ми беше преубаво - каква само паралела беше направена, ко на Чарли одново да му се случува животот. Инаку, накратко, Чарли, пропаднат пијанист во една биртија, некогашен маестро Едуард Саројан кој полнел концертни сали, но се откажал од славниот живот по самоубиството на жена му, се вљубува во келнерката во барот каде свири, Лена, но е премногу срамежлив да се впушти во врска со неа, иако и таа го сака. Но ова е суб-плот. Вистинските дешавки започнуваат кога еден од неговите тројца браќа го моли за помош да избега од двајца мафиози кои го бркаат откако им украл нешто. Откако ќе успее да избега, мафијашите продолжуваат по трагата на Чарли, и неговиот живот, секогаш мирен, за разлика од бурниот на неговите браќа, станува кошмар - Чарли станува ист како и нив: криминалец, убиец, постојано во страв, постојано во бегство... И на крајот го стигнува казната: историјата се повторува, и Лена, неговата нова љубов завршува трагично, слично како и со неговата сопруга. Но на крајот го гледаме Чарли повторно зад пијаното, повторно во истата биртија, повторно одлутан некаде во минатото со мислите... И со нова келнерка зад шанкот! Кругот одново започнува!
Можеби е малку тежок за следење, реков веќе, но генерално е одличен филм кој веројатно ќе ми остане врежан во меморијата уште долго. Инаку, не сум голем фан на ноарите, да бидам искрен. Некои од предизвикот на
@grande-juve од пред две години едвај ги изгледав, други ги прекинав, и иако трети ми беа вистински masterpieces, некако се уште имам впечаток ко да се тоа изолирани случаи па затоа не се израдував многу кога ја видов темава, мислејќи дека ќе се мачам да ги изгледам, иако се ова со малку поотворен пристап, не се до таа мера херметички и до толку оковани во стегите на правилата на жанрот (ете, на пример, во овој нео-ноар јас не го видов еден од најзначајните елементи на тато ноар - femme fatale). Но ете, првиот ме разубеди дека можеби не сум во право и дека не треба да судам пред време. Ќе се обидам денес да изгледам уште еден, па ќе видиме.
8/10 за овој.