Денес бев на Саем. Беше претопло во салата и ради тоа најкратко се задржав, а не дека имаше нешто премногу луѓе, ама не се дишеше, спарно е времето надвор.
Зедов:
Диссомнии од Игор Станојоски / Антолог - ја зедов за да ја подарам, инаку ја имам дома, романот е еден од најдобрите македонски романи во последниве години (секако, од она јас што го имам читано, не дека се имам прочитано, баш напротив), немаше баш некој попуст, ко шо споменав во минатиот пост, од 350 на 300, но ветив дека ќе ја подарам, вреди да се има оваа книга и жал ми е што не го начекав Игор саботата кога потпишуваше книги, имав во план да одам али го испуштив.
Филмски град од Игор Анѓелков / Или-или - и филм.мкд кога излезе и оваа одма ги земав. Кејф ми е да го читам Игор, иако повеќето рецензии ги има и на неговиот фб профил но ете, линковите на фб може и ќе се изгубат, ова ќе остане. Башка тоа, корицата и целиот дизајн е топ, баш личи мераклиски, а и 200 денари беше.
Не ми е страв од Николо Аманити / Антолог - го немам прочитано авторов, многу го фалеа а го нема кај мене во библиотека. Мене предуслов ми е да купам книга што ја нема во библиотека кај нас, затоа што ако ја има таму, ќе ја прочитам па после ќе се одлучам дали вреди да ја имам или не. Сепак колекционерство на книги е скап спорт (за некој без редовни примања како мене). Во овој случај, ја зедов за да видам што ќе ми понуди. И оваа мислам дека беше 200 денари.
Неодреден предел од Петер Штам / Или-или - секогаш кога одам во Или или и има попуст, земам по некоја книга од 100 денари и така повеќето што се на понуда од 100 или 150 претежно ги имам. Оваа ја зедов затоа што одамна ја меркав, но немаше некоја посебна причина.
Изумот на Морел од Адолфо Биој Касарес / Анголог - е оваа ја имав намерачено одамна, од 200 беше спуштена на 100, Кортасар ја пофалил, плус била инспирација за филмот Минатата година во Мериенбад, па сакав да ја имам во колекција. Плус, дизајнот и е предобар.
Сакав да земам и од други места, на пример од Бегемот или од ПНВ публикации, бајаги ме изненадија позитивно вториве, но ете, можеби следен пат, ако се заседам таму отиде и последниот денар што го имам, а попусти, барем овие издавачки куќи што ги посетувам, имаат повеќе пати во текот на годината.
Поминав и од штандот на ТРИ, Култура, итн, изгор скапо, освен Абадон Уништувачот која беше на 50 посто попуст, друго впечатливо не видов. И ај глуп, заборавив да ја земам и ми текна откако отидов дома. Океј и онака Херои и гробови ми стои непрочитана дома, па кога ќе се наканам да ја прочитам тогаш ќе бидне и оваа.