„Нема одговорност“, му велам на мојот нов странски познаник кој веќе јасно ги воочува дефектите на нашиот систем и на нашето поведение, а тој ми вели:„нема отчетност“. Иако мислиме на исто, неговиот англиски збор „accountability“, за разлика од мојот „responsibility“, погодува во срцевината на нашиот проблем. Во речникот на Меријам-Вебстер под „отчетност“ се подразбира „обврска или спремност да се прифати одговорност или да се поалага сметка за своите постапки“. Во таа смисла, речникот го наведува примерот на „јавни функционери на кои им недостасува отчетност“.
Самиот збор „account“ значи „сметка“, па во таа смисла отсуството на отчетност за кое што зборува странскиот познаник значи дека кај нас политичарите не полагаат сметка за своите постапки. Заклучувам дека ние во Македонија сме заборавиле на изразот „отчетност“ затоа што таквото поведение не е дел од нашето секојдневие.
Кога младиот соработник од економскиот сектор на Министeрството за надворешни работи, на почетокот од нашата независност, го прашав како ќе се заштити тој и вработените од обидите да бидат корумпирани од понудите на оние кои ќе барат дозволи за увоз, тој се навреди. Не можејќи да разбере дека немам ништо лично против него, туку дека сакам да направиме систем на отчетност, излезе бесно од канцеларијата и ја тресна вратата. Кога на колегите од катедрата по Меѓународно право и меѓународни односи на Правниот факултет им реков дека никој не треба „да дава докторати“, туку целата процедура мора да се одвива според однапред утврдени правила, отчетно и транспарентно, се смешкаа меѓу себе и го продолжија натпреварот кој ќе „даде“ повеќе докторати и магистратури за што е можно пократок рок. За испити, не знам, но ако се „даваат“ докторати...
Поведението на деканите, пак, е посебна приказна: отсуството на отчетност најдобро се гледаше во начинот на кој располага со парите, па годишните приходи на архиварот можеа да бидат повисоки од оние на редовен професор пред пензија. Оваа сеприсутна и притаена корупција во македонското општество излезе на виделина со објавувањето на снимките од прислушуваните разговори, во кои се гледа неодговорното поведение кое го карактеризира отсуство на отчетост. И сега, имаме страшна хипокризија: жестоки критичари на поведението на носителите на власта не се ништо подобри од оние кои ги критикуваат, а го прават тоа за да попречат дебатата за отчетноста во своите средини. Без тоа, пак, нема да можеме да ги сосечеме корењата на нашата криза кои се во нашите корумпирани умови кои толку лесно се помируваат со неправдите.
Значи, заедничкиот именител на оваа наша култура на неодговорност е отсуството на отчетност: оние кои раководат со други човечки суштества, не полагаат вистинска сметка за своето поведение. Но, зошто и како го прават тоа? Бидејќи македонскиот и рускиот систем се наречени од страна на ЕУ, системи на „заробени држави“, еден поглед таму ни кажува многу и за нашето поведение. Лук Хардинг, протераниот дописник на „Гардијан“ од Москва, автор на книгата за убиството на Александар Литвиненко, насловена „Еден многу скап отров“, кој, како што знаеме, беше отруен со радиоактивен плутониум ставен во чајот во ресторан во Лондон од страна на руски агенти, ни го трга пердето од пред очи.
Анализирајќи го системот на владеењето на Путин тој зборува за два проекта, едниот е националниот, јавниот проект, а вториот е приватниот, тајниот проект. Овој тајниот е кражба на огромни суми пари, вели Хардинг, меѓу 300 и 500 милијарди долари кои прво се пренесуваат на офшор дестинации, за повторно да се вратат во земјата како легални пари. Копајќи по „Панамските хартии“, новинарот никаде не го нашол името на Путин, но затоа утврдил дека извесен Сергеј Олдугин, скромно платен челист во московската филхармонија и пријател на рускиот претседател има две милијарди долари на своја сметка. Запрашан за ова на конференција за печат, Путин цинично одговара дека се работи за пари со кои треба да се купат муизички инструменти, кои на Запад се скапи.
Зборот ми е: онаму каде што нема отчетност има неконтролирана власт, а претставниците на таквото владеење, во отсуство на правна држава, непречено развиваат по два проекти: едниот јавен, за „општото добро“, а вториот таен, за лично богатење. Од претседателот, премиерот или министерот, преку професорот, судијата, лекарот, новинарот и државниот службеник, па до вратарот, ако му се укаже прилика.
Денко Малески