Инспирацијата на монструмот
Човекот што му бил идол на Адолф Хитлер
Голем број историчари го истакнуваат Мусолини како еден од главните фактори што влијаеле врз подемот на Хитлер и неговото доаѓање на власт, но самиот фирер инспирација наоѓал во друг свој современик. Станува збор за славниот Мустафа Кемал Ататурк, пишува
Дејли бист.
Опсесиите на Адолф Хитлер главно се покажале опасни за светот, а тој бил прилично склон кон нездрави фиксации: бил опседнат со себе, сликањето, соништата за големина, Ева Браун, омразата против Евреите, но и со, што е многу малку познато, Турција.
Иако корените на развојот на Третиот рајх се прилично темелно изанализирани, на еден фактор му се посветува многу малку внимание – а тоа е значењето на Турција и Ататурк врз размислувањата на фирерот. Хитлер Ататурк го викал своја „блескава ѕвезда“.
Во својата нова книга „Ататурк во нацистичката имагинација“ Штефан Ириг го претставил значењето што го имале Ататурк и тогашна Турција во создавањето на амбиентот во кој настанало нацистичкото движење. Турската револуција од 20-тите години од минатиот век инспирирала голем број полемики, и не само што нацистите го креирале својот национал-социјалистички модел според примерот на Турција, туку и Гебелс и Хитлер лично биле маѓепсани од сѐ што правел Ататурк во Турција.
По крајот на Првата светска војна, Германците, а особено конзервативците, биле обземени од чувство на неправда по мировниот договор во Париз. Покрај нив, уште една поранешна суперсила на истокот преживувала многу тешки моменти.
Тогашна Турција останала распарчена, а големи делови од нејзината поранешна територија им биле дадени на Грација, Ерменија, како и на големите сили како Велика Британија, Италија и Франција. Меѓутоа, почнувајќи од 1919 година, турските националисти на чело со Ататурк ја трансформирале државата од аутсајдер до успешна држава што ги победила Грците, Французите и Ерменците на многу фронтови.
Турција успеала да „избоксува“ нов мировен договор (договорот од Лозана во 1923 година), кој резултирал со утврдување на границите на модерна Турција.
Во тоа време печатот во Германија бил одушевен од овој подвиг на Кемал Ататурк. Дневните и неделните весници биле полни со написи за Турција. Во следните пет години, биле објавени над 2.000 написи за оваа земја.
Факт кој историчарите го земаат здраво за готово кога го наведуваат Мусолини како главен идол на Хитлер е тоа што самиот Дуче за себе кажувал дека тој е „Мустафа Кемал на миланската Анкара“.
Пропагандата во германскиот печат за Турција го подготвувала теренот за Хитлеровиот пуч, кога неуспешно се обидел да ја преземе власта, инспириран од подвигот на Ататурк.
Дури по тој неуспех Хитлер сфатил дека мора да дојде на власт на „подемократски“ пат, како Мусолини, што на крајот и му успеало.
Во 1938 година на својот роденден Хитлер за себе го кажал следното:
„Ататурк беше првиот кој покажа дека е можно да се мобилизира и прероди земја која била целосно изгубена. Ако кажеме дека Ататурк е учителот, Мусолини е неговиот прв, а јас сум вториот ученик“.
На денот на смртта на Ататурк, германските медиуми биле преполни со написи за него, иако тој умрел само еден ден по славната „Кристална ноќ“.
Најголемата сличност меѓу нацистите и власта на Ататурк е во трагедиите на Холокаустот и геноцидот врз Ерменците, кој се случил пред доаѓањето на власт на Ататурк. Нацистите ги сметале Ерменците за Евреи од истокот и негирале постоење на каков било злочин.
Денес ситуацијата е поинаква. Кога германците ја спомнуваат Турција, тоа го прават во контекст на имиграцијата, гетоизацијата и кандидатурата за ЕУ. Штефан Ириг во својата книга покажува дека корените на односите меѓу овие две земји се далеку подлабоки и посложени отколку што се чини на прв поглед.
http://www.mkd.mk/svet/analizi/chovekot-shto-mu-bil-idol-na-adolf-hitler