Година: 5 Број:1230 Петок 8/6/2004
ВМРО - ДПМНЕ ОБВИНУВА ДЕКА СДСМ И ДУИ СЕ ДОГОВОРИЛЕ ДА ИМ ГО ОСУЕТАТ АВТО - ПРОТЕСТОТ НИЗ СКОПЈЕ
Команданти на ОНА со полициски амин фрлаа камења по колите
"Бучковски во телефонски разговор со претседателот и потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ крајно некоректно им се закани со следниве зборови: 'На тебе и на Никола ќе ви ги исечам главите'", изјави партискиот портпа
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека власта намерно сакала да предизвика инцидент на завчерашниот мирен протест со возила низ Скопје. Портпаролот на партијата Александар Бичиклиски вчера соопшти дека колоната возила била нападната кај Јаја Паша од
поголема група поранешни команданти на ОНА, кои со камења гаѓале кон автомобилите на претседателот и потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Ганка Самоиловска - Цветанова. Дека се работи за договорено сценарио на власта, рече портпаролот, кажува и фактот што на местото, и на целиот потег од Стар Чаир до Бит пазар немало ниту еден полицаец, иако протестот беше уредно најавен.
"На потегот меѓу Бит пазар и Чаир, во Јаја-паша, колоната предводена од две полициски возила беше пресретната и попречена од барикади со контејнери, при што полициските возила веднаш го напуштија местото на настанот. Во тој момент, поголема група поранешни команданти на ОНА, лица познати на полицијата, започна организирано да ја каменува и напаѓа колоната возила. Следниот поголем инцидент се случи пред трговскиот центар Мавровка каде едно лице од организираната група насилници со нож се обиде да нападне учесник во колоната со возила. И покрај тоа што пред Мавровка имаше претставник од МВР, истиот не реагираше и по реакциите на присутните неговиот одговор гласел 'јас ништо не видов'", изјави Бичиклиски покажувајќи го притоа ножот што го одземале од напаѓачот. Тој кажа и дека по настанот кај Јаја-паша се појавиле 4 полицајци, на што присутните Албанци почнале да викаат дека луѓето во колоната се вооружени, што, според него, не е точно.
Од друга страна, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, додека во делот каде живеат Албанци немало полиција, пред домот на министерот за одбрана Владо Бучковски, каде минала колоната на протестот, стоеле 50-тина полициски специјалци во полна борбена готовност, што ги испровоцирало возачите да застанат. Но, рече Бичиклиски, претседателот Груевски ги замолил да продоложат да се движат без задржување пред куќата на Бучковски.
"Од кога присутните го напуштија местото, Бучковски во телефонски разговор со претседателот и потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ крајно некоректно им се закани со следниве зборови: 'На тебе и на Никола ќе ви ги исечам главите'. Дали е ова начин на комуницирање на универзитетски професор и министер во Владата?", праша портпаролот, додавајќи дека вчера биле приведени дел од учесниците во колоната, и дека има 4 полесно повредени и неколку оштетени возила, од нападот на групата од пеесетмина кај Јаја Паша. Партијата побара да се спроведе истрага за нападот, но го праша и премиерот Хари Костов дали уште смета дека полицијата ја контролира целата територија на Македонија, зошто немало полиција кај Јаја-паша и зошто Владата и Собранието ги обезбедувале обични полицајци а домот на Бучковски 50 специјалци.
"Господине Бучковски, дали и на летен одмор ќе одите со специјалци? Господине Кондарко, ве покануваме на бурек во Јаја Паша во еден часот по полноќ кога бурекот е најтопол, а истрелите од огнено оружје најбројни. Господине Црвенковски, дали ова е дел од договорот со Али Ахмети за вашата фотелја, дали власта спроведува апартхејд, состојба во која Македонецот секојдневно се маргинализира и е граѓанин од втор ред", запраша портпаролот на ВМРО - ДПМНЕ.
И Коалицијата Третиот пат протестираше на нападите врз поворката на ВМРО-ДПМНЕ, со оцена на Зоран Витанов од Социјалистичката партија дека ДУИ на Али Ахмети со ова покажала како ќе се живее во поделено Скопје и Македонија, по изгласувањето на законот за територијална организација. Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, пак, рече дека акцијата на ДУИ била добро однапред осмислена, и дека биле формирани дваесетина групи, на чие чело намерно биле ставани деца за да не може да интервенира полицијата. (Л.Ј.)
***
МВР: "Нема ниту еден повреден"
Досега во МВР нема пријавено ниту едно лице повредено во инцидентот што завчера се случил пред семафорите на улицата "Цветан Димов" во скопската населба Чаир кога колоната возила беше попречена од барикади на улицата-информираа во МВР. Полицијата евидентирала само едно оштетување на патничко возило и било искршено стакло на прозорец од Владата. Од таму велат дека во полиција уште не бил донесен ниту ножот со кој, како што тврдат учесниците во протестот, бил нападнат еден од нив.
Во МВР тврдат дека кога возилата пристигнале на улицата "Цветан Димов" и барикадата, меѓу учесниците во протестот и граѓаните дошло до врбална расправија и кошкање на што реагирала полицијата. Таа успеала да направи кордон и да и овозможи на колоната да го продолжи движењето. (П.А.Л.)
http://star.vest.com.mk/default.asp?id=81932&idg=5&idb=1230&rubrika=Makedonija