ДУИ ја демантира веста дека в петок ќе ја објави коалицијата ВМРО-ДПМНЕ. Веста попладнево како ексклузивна ја објави порталот на весникот на албански јазик Лајм.мк, повикувајќи се на неименувани партиски извори од ДУИ.
Сепак, во ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека не е вистина оти в петок ќе ја објават коалицијата. Во ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Никола Груевски вчера од претседателот Ѓорге Иванов го доби мандатот за нова влада, се недостапни за коментар на оваа вест од „Лајм“.
На денешната средба на ВМРО-ДПМНЕ со коалициските партнери тема биле изборите и случувањата околу изборите, како и поддршката и легитимитет што Груевски ги имал како мандатар, рече Илија Димовски по средбата.
„Од оваа коалиција на ВМРО-ДПМНЕ се дел сите помали етнички заедници во Македонија, имаше видливо негодување во врска со платформата и сведување на некаков си бинационален дијалог“, рече Димовски и додаде и дека за барањата на ДУИ, ставовите на ВМРО-ДПМНЕ биле посочени преку интервјуто на Груевски во „Дневник“.
Под наслов „ Ексклузивно: Груевски и Ахмети во петок ќе ја објават коалицијата, еве ги условите!“, „Лајм“ пишува дека иако го нема легитимитетот на албанските гласачи, ДУИ и нејзиниот претседател Али Ахмети се пред финализирање на разговорите за формирање на новата влада. Според партиски извори, врз основа на динамиката на преговорите, извесно е дека ќе се постигне договор до петок навечер, а се истакнува дека после последното интервју на Груевски за весникот Дневник“, ништо не е исто.
„До пред ова интервју расположението на ДУИ, вклучително и на самиот претседател Али Ахмети, беше убедливо против коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, изгледа дека Груевски преку ова интервју испрати неколку шифрирани пораки кои го исплашија Ахмети и ситуацијата веднаш се измени, велат партиски избори во ДУИ. Според нив, сменети се веќе и односите во преговорите и не е веќе ДУИ таа што ги поставува условите, туку условите ги диктира ВМРО-ДПМНЕ. Овие извори додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ веќе има список на кадри на ДУИ кои нема да ги прими во Владата, па дури ниту како преговарачи на оваа партија за постигнување на договор за коалиција“, пишува „Лајм“ и додава:
„ВМРО претпочита преговарачи да бидат Муса Џафери и Беким Незири, а не новите министри. Груевски прифатил некои од барањата на ДУИ, со кои оваа партија ќе го оправда договорот. Според сите изгледи, претседател на парламентот ќе биде од ДУИ, можеби и министерот на финансии, додека пак законот за јазиците ќе претрпи уште една козметичка измена, која ДУИ ќе ја претстави како голема победа. ДУИ формално, веројатно ќе го добие и Министерството за финансии, меѓутоа со овој ресор фактички ќе продолжи да раководи ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски, всушност, ќе ги прифати сите барања на ДУИ, но нивната реализација ќе остане за двете последни години од мандатот. ДУИ на овој начин ќе има алиби повторно да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, иако членството и Албанците се против, додека пак после две години ќе се прогласат нови предвремени избори, кои што ДУИ ќе ги искористи како алиби за да го оправда нивното неисполнување“.
„Лајм“ пишува дека се обиделе да контактираат со портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, но тој бил недостапен.
„Во ДУИ владее паника од реакцијата на Албанците кон оваа коалиција, затоа намерно е избран петокот вечерта, како термин за објавување на договорот, затоа што потоа следи викенд кога граѓаните вообичаено не се интересираат обично за политичките настани. Партиските извори велат дека владата ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ ќе ја гласаат и двата пратеника на ДПА, иако оваа партија нема да има ниту министри, ниту функционери во извршната власт“, пишува „Лајм“.
Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)