Завчера ненадејно го изгубив слухот во левото уво.
Здраво на сите. Ова го објавив како посебна тема во Здравје, но после сфатив дека можеби требало тука? Еве и тука.
Пред скоро 48 часа приметив дека наеднаш не слушам со двете уши подеднакво. Во моментот бев надвор, но кога дојдов дома приметив дека левото уво ми зуи/свири многу гласно и дека ако го затнам десното скоро ништо не слушам со левото.
Следниот ден веднаш отидов на ОРЛ во Промедика. Докторката таму ми ги исчисти ушите, но немаше промена. Потоа ми направија аудиометрија и заклучивме дека со левото уво дефинитивно не слушам голем спектар на фреквенции и слухот ми е намален за 70%. Докторката не знаеше да ми каже што ми е, ми даде некои апчиња за циркулација и ме советуваше да одам на клиника во Аудитивен Центар каде можеле да ми направат повеќе испитувања. Бидејќи беше петок, ќе требаше да чекам до понеделник.
СРЕЌА ШТО НЕ ЧЕКАВ! По ургирање на членови од фамилија отидов за второ мислење во Акус Медикус. Докторот таму ме предупреди дека ова е сериозна медицинкса опасност и дека ако не се реагира во првите 48 часа, може засекогаш да останам без слух во едното уво. Ме извести дека ова е нешто што едноставно се случува кај некои луѓе без предупредување, и причинителнот не е баш познат, но некои од можностите се инфекција, вирус, звучна траума. Добив голема листа на лекови:
* Декортин Х (60mg 2 дена, 40mg 3 дена, 20mg 2 дена, итн...) ова е кортикостероид и е главниот лек за оваа работа. На интернет и во САД може да се најде како Prednisone.
* Бетахистин (48mg на ден)
* Пенитилин (400mg на ден)
По советување со други доктори по телефон, ми потврдија дека терапијата е добра, но ми препорачаа да додадам и:
Ацикловир (1000mg на ден) анти-вирозен лек
Солкосерил (морав да одам до Србија по него бидејќи не е достапен кај нас, се приме по пат на инекција во мускул)
Ненадејно губење на слух во уво на гугл може да се најде како Sudden Sensorineural Hearing Loss (SSHL). По читање на голем број статии уверен сум дека ја добивам точната терапија. Според многу истражувања на 70% од луѓето им се повратил делумно слухот, кај некои дури и комплетно, под услов да почнале со терапија во првите 1-3 дена. Открив и поново истражување во кое пациентите (паралелно со лековите) ги лекувале и со звучна терапија. Здравото уво се затнува, со цел пациентот да биде принуден да го користи оштетеното, со што се стимулира увото да работи и да заздрави. Дел од терапијата е и слушање музика со оштетеното уво 6 часа на ден.
(ЛИНК:
http://www.nature.com/articles/srep03927)
За ова не ми кажал никој од докторите и не сум сигурен дали да го пробам. Ако причинителот е звучна траума на овој начин можеби би се влошил проблемот? Во понеделник треба да одам на клиника каде ќе ми направат повеќе испитувања со цел да се открие причината, но тоа не би требало да влијае на терапијата.
Сега за сега немам никакво подобрувањем, но не губам надеж. Слухот значително ми се намали од моментот на откривање до почнување на терапијата. Од почнување на терапијата до денес нема промена. Со левото уво не слушам ниски фреквенции, а високите слабо ги слушам. Освен тоа слушам постојано свирење, зуење и други неописливи звуци внатре во увото. Исто така увото го чувствувам како да ми е полно или запушено (или чувството кога преоѓаш од една во друга надморска височина).
Дали некој во Македонија имал искуство со ова? Ако да каква терапија сте зимале и дали успеавте да се извлечете? Секој совет е добредојден, фала.
Исто така ако некогаш ви се случи, имајте ја на ум објавава и реагирајте во најбрз можен рок!