Не знам врз основа на што пресмета дека гасот би бил најскап енергенс во Македонија.
Во овој текст пишува колку пелети се трошат за една сезона
http://plusinfo.mk/vest/88447/grejnata-sezona-pocna-cenite-kje-gi-smrznat-gragjanite
значи за 2-3 тони ако сметаш на куќа со просечна изолација. Спореди го тоа сега со греење на гас во Македонија. Нормално и со комоцијата и некаков нормален начин на живеење затоа што, ако овие печки работат како оние на дрва, мора да стануваш рано за потпала и да ги отвориш сите врати од домот.
Колку ќе те чини греење со гас месечно за куќа од 60-80 м2 со просечна изолација?
Јас ја поминав зимата 2015/2016 со 80 вреќи пелети од по 15 килограми = 1200 килограми.
Не ме прашувај колку ме чинеа, бидејќи јас ниту ги нарачав, ниту ги платив, туку само ги истоварив и ги кревав по скалите и ги растоварував во и од лифтот - за мене лично најмалку забавниот дел од греењето на пелети, заедно со чистењето на внатрешните цевки на котелот кое го правам еднаш годишно, како и чистењето на надворешните издувни цевки кое го правам еднаш месечно. Секојдневното чистење на каминот и пепелниците во него е најлесниот дел.
За волја на вистината, зимата 2015/2016 не беше премногу студена, во Скопјево немаше ни с од снег, а последен пат го вклучив котелот на пелети некаде кон крајот на април 2016.
Зградата е стара 40 години и нема нова фасада со изолација.
Станот е 90 квадрати, делумно изолиран - во две соби прозорците сеуште се стари, односно не се ПВЦ, во една од тие две соби има луфта од 2 до 3 милиметри кај дрвените прозорци, и истата таа мала луфта придонесува за пониска температура во просторијата во зима, поради што котелот го оставам да работи до полноќ додека не легнат сите на спиење.
Но треба да го земеш во предвид фактот дека во мојот дом не се грееме на печка на пелети, туку на котел на пелети со моќност од 12 киловати, кој е поврзан директно со радијаторите низ станот и ги грее истите.
Кревањето на вреќите и чистењето се неподносливи за мене лично, бидејќи сум единственото машко во домот способно за физичка работа, но кога ќе се потсетам дека околу 300 евра плаќаме за нарачка од 100 вреќи пелети - вообичаено, исклучок беше грејната сезона 2015/2016 кога нарачавме 80 вреќи - целиот физички замор поминува, а задоволството останува.
А останува и топлата вода во бојлерот, кој исто така е поврзан директно со котелот, па трошам помалку струја во зима за греење на водата во бојлерот.
Бидејќи котелот не го местам на премногу високи температури - вообичаено го местам да ја загрева водата во радијаторите помеѓу 50 и 55 степени Целзиусови, потребно е многу време додека котелот ја загрее водата во бојлерот, па затоа морам да го вклучам и самиот бојлер, кој побрзо се загрева бидејќи надворешната обвивка на бојлерот е загреана од котелот, поради што електричниот грејач во бојлерот полесно и побрзо ја загрева водата.