Harvie Krumpet. Го изгледав два пати. Вчера и денес пред да пишам тука. Краток анимиран филм кој плени со пораките кои ги остава на гледачите. Јас секогаш сум ги избегнувал кратките филмови. Ова ми е пример дека во иднина треба да им посветам поголемо внимание.
Филм предложен од
@Zlatikevichius . Најчесто имав слични мислења со него, па затоа претпоставував дека ќе ми се допадне тоа што ќе го гледам. Очекувањата се задоволени целосно.
Филмот ја раскажува судбината на еден посебен човек. Харви е посебен уште од неговото раѓање. Има туретов синдром. Симтомите на овој синдром се нарочито изразени при стрес или возбуда. Многу е познато дека тој синдром нема никаква врска со интелигенцијата. Вистински пример за тоа е Харви, за кој никако не би можел да се согласам дека е ретардиран. Харви е посебен и се однесува различно од другите луѓе. Поради тоа децата на училиште го малтретираат и тој престанува да го посетува училиштето. Неговата мајка (за која нема да давам дијагнози) го подучува во домашни услови. Но, што може да го научи таа. Според мене тоа е најкобен момент за Харви.
Како и да е, тука се согледува првата лекција која дискретно излетува од филмчево, а се однесува на различностите и колку е тешко да ги прифатиме различните на нас. Човекот е окрутен и злобен кон луѓето кои се разликуваат од него и од групата во која тој припаѓа. Одличен пример како не треба да се однесуваме, како за деца така и за возрасни.
Почнува да ја пишува книгата на фактите, која е ризница на богатсва. Реални феномени кои се засновани на каузалноста и логичноста на еден посебен човек. Фактите се навистина одлични, барем поголемиот дел од нив. Највпечатлив факт на кој ми текнува во моментов ми беше: Библијата ја напишале луѓе кои мислеле дека земјата е рамна... и најверојатно биле во право.
Сакам „црн“ хумор па имаше моменти кога се смеев на филмов. Најмногу кога се сокрија во гробот за време на бомбардирањето. Исто така, симпатичен момент ми беше завесата на телевизорот. Се смеев и на Факт 914: Алкохолот може да предизвика разголување и пијанство, и на графитот: и шницлите имаат чувства.
Кога му беше најтешко го слушна внатрешниот глас, односно гласот од статуата. Тој глас му даде сила да не се предаде. Стана нудист, вегетаријанец и борец за правата на животните (кокошките и нивните јајца).
Пронајде сродна душа. Нивните сексуални фермони (не хормони) се мешаат и се случува една едноставна, но голема љубов. Нажалост Харви е стерилен, па затоа посвојуваат девојче. Не разбрав кој синдром го има девојчето.
Тоа што мене ми беше најсимпатично во целиот филм се лекциите на кои ја учи Харви својата ќерка. А тие се:
- Животните имаат свои права.
- Почитувај ја природата.
-Сакај се себеси.
- Убаво е да се биде гол. Не треба да се срамиме од сопствените тела.
- Секој од нас е посебен.
Браво Харви!!! Ова се лекциите кои секој татко треба да му ги пренесе на своето дете.
Филмот изобилува со тажни и депресивни ноти. Некој чуден сентимент преовладуваше додека го гледав и првиот и вториот пат. Одлично раскажување на животот на еден осамен и посебен човек. Тоа што јас го разбрав на крајот од филмот е дека животот е понекогаш одвратно долг и безвреден (тие седеа и чекаа да умрат), иако Харви се трудеше да пркоси на моево размислување. За осаменоста и отуѓувањето нема да кажам нешто посебно. Изолираниот живот на било која возраст е горчлив и безнадежен.
Како и да е, филм за кој претпоставувам дека никого не остави рамнодушен. Филм кој ја обработува филозофијата на животот. Морам да признаам дека на моменти се чувствував навистина чудно што анализирав анимиран лик. Сепак, начинот на кој е претставен неговиот животен пат и секој зглоб низ кој приказната добива на тежина и се надоврзува остави простор целосно да се внесам и да дадам еден ваков опис. Исто како главниов лик да е одглумен од Tom Hardy, на пример.
И за крај, ако на Mary and Max би им дал чиста 10-ка, тогаш за Harvie Krumpet од мене една јака 8-ка.