Во банките нема поголеми износи на пари што може да се повлечат одеднаш, а во менувачниците, граѓаните невообичаено менуваат денари за евра. Такава е состојбата во последниве неколку дена, откако се заостри политичката криза, а од Европската унија стигнуваат најави за можни санкции.
- Во последниве неколку денови имаме повеќе работа. Граѓани со поголеми суми денари доаѓаат и ги заменуваат во евра - велат во една менувачница.
Во друга менувачница, пак, објаснуваат дека завчера почувствувале паника кај населението и затоа се одлучиле да ги лимитираат износите на евра што ги продаваат, за да може да одговорат на оние свои клиенти кои вообичаено доаѓааат да сменат одредена сума.
Поголема раздвиженост можевме да збележиме и во банките. Во една од поголемите банки, на шалтерот ни кажаа дека во моментот не би имале одеднаш да ни дадат 360.000 денари, но дека во текот на денот би можеле да ја соберат таа сума, па затоа ни побараа телефон за контакт.
Во економската теорија, зголемената побарувачка на евра би требала да доведе до девалвација, или пак, најавата за девалвација на денарот, треба да предизвика заштитничко однесување на граѓаните кон своите пари и купување на поголеми износи евра.
Ситуацијата дополнително се подгрева и со тоа што во овој сензибилен период Народната банка ја спроведува постапката за издавање на нова банкнота од 2.000 денари, иако, на пазарот е проблематично и раситнување на 1.000 денари. Новата двеилјадарка, како што веќе пишуваше „Слободен печат“, повикувајќи се на изјави на економски аналитичари, би можела да биде одговор или на евентуална девалвација, или, пак, на предвидена инфлација во наредниот период.
Сепак, за универзитетскиот професор Трајко Славески во моментов е апсурдно да зборуваме за девалвација на денарот.
- Веројатно во наредните денови централната банка ќе влијае со многу мали износи кај банките. Девизните резерви се над 2 милијaрди евра и со мала интервенција може да се реши сегашната ситуација на поголема побарувачка на денари во банките и нивно менување во евра. Вакви ситуации имало и во минатото, луѓето многу лесно и бурно реагираат на секоја информација за парите во банките. Но, да потсетам, сме имале и поопасни ситуации, како онаа во 1999 со кризата на Косово, потоа со нашата криза во 2001 година, или со глобалната криза од 2008, а девалвација не се случила – вели Славески.
Тој објаснува дека во Кривичниот законик се предвидени санкции против оние кои со шпелкулации предизвикуваат нарушување на пазарот на пари.
Во банките, од граѓаните и од фирмите има речиси 5 милијарди евра. Притоа, граѓаните главно штедат во денари. Недовербата во актуелниот политички момент ги тера заштитнички да се однеуваат кон својата заштеда и да ги повлекуваат парите, независно дали некој зборува за девалвација или не, и независно од убедувањата на банкарите за големата ликвидност на банките.
Народната банка, пред една недела одржа седница на Комитетот за оперативна монетрна политика на која заклучи дека „НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на целите на монетарната политика“.