1. Ова што ѝ се случува на Македонија не е наша игра. Ова е туѓа игра.
Нелегално да се снима целиот државен врв, новинари, медиуми, дипломати и сето тоа потоа како фабрикуван материјал да се стави во рацете на еден човек, со силна поддршка да го користи тоа, и сѐ што се случуваше потоа, јасно укажува дека некој друг сериозно има замешано прсти во креирањето на оваа криза. Впрочем, Македонија не е ни прва, а веројатно ни последна држава на која ова ѝ се случува.
2, Ова што ни се случува не е во интерес на никој во Македонија. Ова е нечиј туѓ интерес. Ваквата криза никому не му помогна во земјата. Ниту на власта, ниту на опозицијата, колку и да се имаше такви очекувања. Но оваа криза сериозно ѝ наштети на Македонија и на сите наши граѓани. И наштети на угледот на земјата, и наштети на забавувањето на реформите и напредокот, на фокусираноста на стратешките цели за членство во ЕУ и НАТО, и наштети на економијата, на продлабочувањето на поделбите во секоја пора на општеството, на радикализација на политичките структури, на деструкција која веќе никој не може да ја контролира или претпостави. Никој не може да ме убеди дека оваа криза е интерес на Република Македонија.
Оваа криза е за нечиј туѓ интерес. За нечии туѓи цели и интереси. Некој кој сака нешто да постигне. Некој кој сака преку завојуваните политичари, политички лидери и нивни поддржувачи, да оствари своја цел.
3. Сето она што се случуваше во изминатиов период, резултираше со досега невидена политичка конфронтираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување. Бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа, работите отидоа толку лично и далеку, си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки, што сега и едните и другите се подготвени да употребат секакви можни средства, само да не бидат поразени на следните избори, затоа што не знаат до каде ќе оди другата страна во продлабочувањето на личната пресметка, реваншизмот, омразата и ксенофобијата. Политиката се претвори во тоа кој кому ќе пушти повеќе кривични пријави и ќе отвори кривични постапки, кај кого ќе има повеќе претреси и притвори. Кој колку другиот ќе го заплаши и заглави. Судиите се под невиден притисок од сите страни. Претставници на меѓународната заедница ни се шетаат низ судовите додека тие треба да донесат одлуки дали некого да притворат или не. Пред некој ден еден судија однесоа во болница затоа што колабира за време на процесот. Сево ова веќе станува за многумина неиздрживо, сѐ повеќе наликува на борба до истребување. Се плашам дека Република Македонија може да почне да наликува како онаа географска Македонија во 20-тите години на минатиот век, кога антагонизмот меѓу Македонците отиде до такви размери, што се претвори во меѓусебно истребување преку физички ликвидации. Да се потсетиме дека и тогаш тие беа поттикнати од надворешни фактори.