Бисмил-лах, ве салату ве селаму ала ресулил-лах.
Есселаму алејкум, мир вам.
Знам дека ти имам одговорено еднаш на твоето прашање за Господ како апсолутен судија. Но сепак ќе се потрудам уште еднаш да ти објаснам на клучните заклучоци, со цел и другите кои се заинтересирани да разберат, иншаАллах.
Прв заклучок: Ставањето на Господ како судија во Исламот не претставува никаква контрадикторност. Тоа е само резултат на начинот на кој ќе ја искористиме нашата слободна волја. Ако ја искористиме истата за правење добри дела, ќе бидеме наградени, а ако правиме лоши дела ќе бидеме казнети. Со овој начин на пресудување се занимаваат и овоземните судии, та затоа е прилично лесно да се разбере. Господ се става во улога на судија во Судниот Ден, кога ќе полагаме сметка за нашите дела. Можеби и во овој свет пресудува, како што е на пример поговорката "што ќе правиш, добро или лошо, истото ќе ти се врати" или како што некои луѓе за ова го користат терминот космичка правда за да веруваат во оваа поговорка. Но за тоа ние не знаеме, можеме само да претпоставуваме. А како кадија (судија), Господ експлицитно тоа го кажува дека ќе биде во Судниот Ден.
Втор заклучок: Јас знам каде ти е поентата, верувај. Како Креаторот да суди на неговата креација, кога Он е тој што го створил? Он е семоќен, сезнаен, познавач на иднината, но сепак Он пресудува? Он е створител на сето видливо и невидливо, но сепак пресудува? Која е смислата? Инаку убаво го имаш сфатено Господ, на исламски начин. Точно е фактот дека се’ од него потекнува, и дека тој е Семоќен и Сезнаен. Се’ што прогласува за добро потекнува од него, и се што прогласува за погрешно исто од него потекнува. Сета добрина и злоба што го гледаш во светот е од Господ. Но бидејќи сме обдарени со слободната волја ние луѓето, кои сме негова најдобра креација, ние имаме избор да се насочиме кон доброто или кон лошото што од Него потекнува. За оваа слободна волја ние одговараме и токму за оваа Господ ќе се постави во улога на судија. Бидејќи во оваа сфера не ни е предодредено што ќе правиме и како ќе поставуваме, а бидејќи ние ќе поставуваме на одреден начин тоа Господ го знае од порано, бидејќи е познавач на иднината. На сликовит начин да ти објаснам, ако се наоѓаме во крстопат (кој во овој случај тоа би бил створен од Господ), ние сме тие кои раководејќи се од слободната волја, ќе избереме по кој пат ќе тргнеме. Овој избор не ни е предодреден од Господ, но бидејќи ти ќе бидеш тој што ќе одредиш, тоа се знае од порано од страна на Севишниот Господ.
Трет заклучок: Од Господ се’ потекнува, но не е се’ допуштено од Него, како што рече ти. Бидејќи се’ потекнува од него, Он би требал да биде тој што кажува што од неговото створение е допуштено или забрането за луѓето. И тоа он го прави, ни објаснува преку неговите посланици и книги. Бидејќи се’ што гледаш во овој свет, растителниот свет, животинскиот свет, водата, земјата, сонцето, месечината, воздухот, сето тоа е створено за да биде во услуга на човекот. Тоа го вели нашата религија. Затоа ние сме Негова најдобра креација. Но некои Негови створенија се забранети за нас, од две причини: затоа што забранетото е лошо за самите нас и за тоа што Господ преку неговите забрани сака да не види кој од нас ќе биде истраен, и кој ќе го помине “тестот„, условно кажано. Алкохолот, свинското месо, половиот однос е створен од Господ, но бидејќи Он е Створителот и од него очекуваме одговор, Он ни кажува дека алкохолот е забранет, свинското месо е забрането. Он не обдарил со способноста за прокреација, но Он ни кажува кој е начинот тоа да го сториме тоа. Он ни дозволува со нашата жена да имаме однос, да се прокреираме, но Он ни забранува да имаме полови односи надвор од бракот, или да го изневеруваме брачниот другар, или да имаме "one night stand" односи, и така натаму.
Значи како заклучок, сето добро и лошо потекнува од Него, но бидејќи од Него потекнува лошото не значи дека ние треба го следиме тоа (нели, според логиката дека тоа сепак е од Господ). Самиот Господ е створител на се, и самиот Он е тој што поставува црвени линија и ги поставува правилата на игра. Како ќе биде односот наш во однос на тие правила, таков ќе биде и нашиот резултат во Судниот Ден.
Весселаму алејкум.