КАНАДСКИ НОВИНАР
7 причини зошто Скопје е најчудниот главен град на планетава
Прашајте некој што во скоро време бил во Скопје и ќе ви каже дека македонскиот главен град е „интересен“. А тоа ќе ви го каже бавно и со потсмев, вели Џоел Балсам, канадски новинар што пишува за своите патувања низ светот, во својата статија на
Њузхаб.
Вгнездено на југот на поранешна Југославија, опкружен со Бугарија, Грција, Албанија, Србија и спорната држава Косово, Скопје во последниве шест години доживува градежна треска и стана препорачано место за туристите, вели Балсам.
Заборавете ја Астана, еве зошто Скопје ја заслужува круната на најчудниот главен град на Земјината топка.
1. Изгледа како мал Лас Вегас.
Или како Дизниленд на Балканот. Сериозно, Скопје изгледа како некој нов комплекс од хотели на главната улица на Лас Вегас што ѝ конкурира на Цезаровата палата.
Владата во 2009 година почна проект вреден 80 милиони евра наречен „Скопје 2014“ за да го реорганизира идентитетот на државата. Тој требаше да биде завршен минатата година, но 1 милијарда евра подоцна, во зависност од тоа на која бројка ѝ верувате, изградбата сè уште е во тек и градот се претвори во бетонска џунгла од пренакитени статуи, високи згради и... уште повеќе статуи.
2. Градот има повеќе кичести статуи отколку што може да се избројат.
Веројатно таму постои човек што ги изброил, но тој претпоставувам може да работи нешто покорисно. Во радиус од една петминутна прошетка околу централниот плоштад во Скопје, може да видите десетици и десетици статуи поставени врз зградите, на мостовите, на градските плоштади и на тротоарите. Идејата е да се претстават многуте историски личности што ја сочинуваат античката и динамична македонска историја, но сето тоа едноставно изгледа кичесто.
3. Статуата Воинот на коњ е најневеројатниот споменик во светот.
Фокусна точка и симбол на Скопје веројатно е една од најшокантните статуи во светот, а ако ги прашате повеќето локални жители за неа, тие ќе застенкаат.
Над 20 метри висок, споменикот содржи џиновска статуа на воин, лавови што повраќаат вода и ноќно светлосно шоу, сето тоа за најмалку 10 милиони евра - што е малку скапичко за изградба на споменик во која било земја, а камоли во една од најсиромашните во Европа.
Но можеби најинтересниот факт за споменикот е неговото име. Ако ги прашате минувачите, ќе ви кажат дека тоа очигледно е Александар Велики - освојувачот што војувал низ целиот тогаш познат свет. Сепак, тој официјално се вика „Воинот на коњ“.
Тоа е затоа што Грција не сака Македонија да го користи Александар како дел од својата историја. Всушност, Грција е толку вознемирена што Македонија го користи Александар како еден од своите историски симболи и што има исто име како една грчка провинција, што одбива да ѝ дозволи на Македонија (технички Поранешна Југословенска Република Македонија) да влезе во НАТО и во Европската Унија.
4. Сите статуи се цензурирани, освен една.
Голем дел од шминкањето на Скопје е земено од грчката историја, но ако сте биле во Грција, ќе забележите една голема разлика - античките статуи што во Грција се голи во Скопје се покриени.
Не е сосема јасно зошто, некои велат дека се пожалиле женските групи, други велат дека тоа е муслиманското албанско малцинство, но и статуата на Афродита, грчката божица на љубовта, и таа на митолошкиот титан Прометеј во Скопје се облечени. Меѓутоа, ако барате доволно внимателно, ќе откриете дека Олимпија, мајката на Александар Велики, е разголена додека дои.
5. Апсолутно не е јасно како владата нашла пари за сето ова.
За разлика од главниот град на Казахстан, Астана, или азербејџанскиот главен град Баку, Македонија нема пари од нафта за финансирање на своите огромни градежни проекти. Сепак, на прв поглед македонската економија изгледа сосема солидна. Таа неодамна неколку месеци порано го исплати заемот кон ММФ и има една од најдобрите стапки на раст на БДП во регионот. А и покрај критиките за Скопје 2014, прашајте некого во главниот град и ќе ви каже во последните пет години во него дошле многу повеќе туристи од кога било досега, што се должи и на евтините директни летови од Визер.
Но напумпаните трошоци за проектот не би можеле да се покријат со платените даноци од населението, чија плата во просек е помалку од 400 евра месечно, нели?
6. Политиката е многу интересна.
Во Скопје пролетва избувнаа протести, откако излегоа аудиоснимки со тајни разговори на 20.000 луѓе, вклучувајќи високи владини функционери, новинари, судии, амбасадори и верски лидери. А потоа Владата доби приврзаници што протестираа против демонстрантите. Збунувачки? Да. Интересно? Дефинитивно.
Лентите содржеа информации за неколку сочни скандали, а на нив самиот министер за финансии на земјата ги нарекува финансиските политики на владата „лудо“, премиерот Никола Груевски признава дека зел пари за да си купи мерцедес со масажери, а еден владин функционер признава дека заташкале убиство. Некои владини претставници дадоа оставки, а земјата ја чекаат избори по 10-годишното владеење на Груевски.
7. И покрај сите скандали, тоа навистина е одлично место за посета.
Дефинитивно има многу статуи, но всушност е доста интересно постојано да гледате уметност додека шетате низ градот. Дури и различните стилови на зградите се интересни - зошто да има еден архитектонски стил кога може да има повеќе?
Скопје, исто така, има повеќе од пристоен ноќен живот (кога бев таму, го начекав Перо Антиќ, првиот играч во НБА од Република Македонија, во еден клуб како се забавува), добри ќебапи и неколку прилично добри хостели. Значи, следниот пат кога ќе поминувате низ Балканот, застанете во Скопје. Тоа е, најблаго речено, интересно место за посета, завршува Балсам.