Сега кога и официјално е завршена борбата во САД очекувам ЛГБТ пропагандата да се сврти кон Европа, особено нашиов регион. Не е толкав проблем религиското убедување на Балканот колку што е проблем недоволната информираност и погрешната информираност. И ова не е случај кога е во прашање ЛГБТ заедницата, проблем е за многу други работи со кои се сретнуваме. Реално, кај нас за геј права повеќе зборат провладини медиуми во обид да свртат внимание од некои битни случувања отколку што за тоа зборат ЛГБТ заедниците кои лапаат Европски пари или пак самите членови на ЛГБТ заедницата.
Борбата за правата на ЛГБТ заедницата во САД започнаа пред повеќе од 30 години со иницијативите на Харви Милк кој за тоа време имал една револуционерна идеја со која борбата ќе завршела брзо и немало да се чека до 2015та за еднаквост и достоинство. Предложил масовно аутирање на сите ЛГБТ лица на ниво на цел САД. Од психолошка гледна точка ова би ставило крај на проблемите со прифаќањето од околината дури и кај нас. Замислете во Македонија сите да се аутираат во ист момент. Секој од нас одеднаш знае некој близок кој е хомосексуалец или бисексуалец. Сфаќа дека ова не е некој локален феномен со кој мора интерно да се соочи од срам и страв другите да не дознаат... Секој се соочува со истото на определен начин и полесно е да го прифати другиот човек бидејќи знае дека не е сам во тоа. Дури и за родителите би важело ова. Ако нивното дете е геј, не би било толкав шок бидејќи и многу други родители имаат геј дете, и они тоа го знаат. ЛГБТ луѓето се активни членови на општеството, работат во институциите, во индустријата, допринесуваат во општеството на најразличен начин. Проблем е што тоа ние не можеме да го видиме бидејќи кај нас луѓето живеат во страв за својата репутација, страв од реакцијата на другите, од родителите, пријателите, роднините,... Доволна е една генерација во определен момент да го направи овој чекор за да немаат потреба идните генерации да се декларираат како хомосексуалеци или хетеросексуалци. Воопшто, да нема потреба од било какво декларирање и двоење.
Една од најголемите заблуди во која живеат многумина е што значи тоа правото на истополов брак за севкупната заедница. Многу тврдат дека ЛГБТ лицата се привилегирани со легализацијата на овој тип на бракови. Зар тие како хетеросексуалци ќе бидат спречени доколку сакаат да стапат во истополов брак? Со озаконување на истополовите бракови се проширува дефиницијата за брак и таа за прв пат важи за сите подеднакво, без некој да е привилегиран.