Milivoj Kosteski
ЗЛОЧИНАЧКИ КРВАВ ПИР НА ТЕРОРИСТИТЕ
Каков е билансот од крвавиот пир на терористите, кои сосема ладнокрвно, по вооружениот напад, го извршиле масакрот врз мртвите, а и некои беспомошни, тешко ранети припадници на безбедносните сили? На Миле Јаневски, со кундак од пушка му е згмечена, разнесена главата, а низ телото има осум канални повреди предизвикани од огнострелно оружје и вртлежи од “кинески” нож. На Бобан Трајковски, исто така, со кундак од пушка му е згмечена главата, има две прострелни рани, а со нож три рани му се отворени на градниот кош и во пределот на подлактницата. Беспомошното и мртво тело на Роберт Петковски со нож е бодено по нозете и гениталните органи. На Игор Костески му се нанесени седум огнострелни рани по целото тело. Сигурно додека давал знаци на живот, од близина со пиштол му е пукано во чело. Ако загинал зад воланот додека маневрирал со “хамерот”, загадочна е раната и големата расеченица на левото стапало, и отсечените три прсти на десната рака. Рачниот часовник, кога ми го донесоа од судска медицина, а и денес го носам на мојата рака, застанат беше во 18.12 часот. Дали запрел од компресија и експлозија или сам го стопирал Игор, со што сакал да ни соопшти дека во тој миг животот му престанал. Марјан Божиновски, иако се здобил со повеќе огнострелни рани, додека давал знаци на живот, бил запален од терористите, при што неговото тело е целосно јагленосано од изгореници од четврти степен, со одвоени долни екстремитети. Кире Костадиновски, бил тешко ранет со проектили во пределот на градниот кош и стомакот. Бил запален додека бил се уште жив, зашто во белите дробови му е најден јагленороден моноксид. Бошко Најдоски, додека бил тешко ранет, од близина му е пукано во неговото чело, за да потоа биде запален и целосно изгорен. Илчо Стојановски, покрај што е здобиен со прострелни рани во главата и стомакот, со кундак од пушка му е разнесена брадата а со нож му се нанесени рани на рацете и нозете. Запалени му се нозете но од целосно изгорување го спасиле првите “тигри” што пристигнале на местото на масакрот.
Да спомнам дека тројцата полицајци од Битола биле поставени еден до друг до нивната “лада нива”, со главите свртени кон “хамерот” и запалени. Останува енигма, зошто се запалени само загинатите полицајци, а не и “волците” и на кого му е испратена таквата порака? Нелогичност има и ако се анализираат снимките од целосно изгорените први две возила од патролата. Ако биле погодени во прв момент со тромблонски мини, тие целосно би биле разнесени и изгорени, заедно со бранителите во нив. Според начинот на извршување на масакрот, кој траел десетина минути, предизвиканите рани можеле да го направат добро обучени специјалци и ладнокрвни убијци. Но, бидејќи раководството на ОНА никогаш не обелодени дека во својата формациска воена структура има специјална единица, тогаш со право се наметнува прашањето, кој го изврши масакрот, по чија наредба, со каква цел и за колкава парична награда?