ГИ ПРЕТЕПАЛЕ ДОДЕКА ИГРАЛЕ КОШАРКА ВО ШКОЛСКИ ДВОР ВО ТЕТОВО
Три лица што спортувале во дворот на тетовското основно училиште "Андреја Савески - Кикиш", биле нападнати и натепани од поголема група која, преку оштетената метална ограда, влегла во дворот.
Според СВР Тетово, напаѓачите, откако влегле во школскиот двор, без повод и причина, се нафрлиле врз А.Б. (26), кој играл фудбал и врз двајца малолетници од 15 и 16 години, ученици во ова училиште, кои тогаш во училишниот двор играле кошарка. Групата напаѓачи, која броела десетина лица и во која сите биле малолетници, удирајќи ги со клоци и тупаници по главите и по телата, на трите лица им нанеле видливи повреди, а потоа избегале од местото.
Полицијата веќе располага со потврдени сознанија кој сè учествувал во физичкиот напад. Во текот на вчерашниот ден групата, која ја сочинувале ученици од основното училиште "Братство Миѓени" од Тетово, во присуство на нивните родители и на претставници од Центарот за социјална работа, биле повикани на разговор, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.