Можеби е премногу доцна да се приклучам на овој форум за Христијанството, но ми здосади само да читам, сакам нешто и да прашам.
На интернет во електронска форма го најдов Светото писмо, заедно Стар и Нов завет, која е издадена „СО БЛАГОСЛОВ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА“ од 2006 година, ревидирано издание со 1500 страници.
Сакав да самиот да прочитам што пишува во книгите, а не да слушам само предавања по веронаука.
Почнав со читање и веднаш се најдов во збунета ситуација.
На почетокот е воведот на Стариот завет во Првата книга Мојсиева - Битие. На крајот на воведот се вели:
„Книгата Битие, пред сe, претставува запознавање со Божјите дела. Таа започнува со тврдењето дека Бог го создал светот, кој е огромен, но сепак Му е целосно потчинет на Бога. Книгата завршува со ветувањето дека Бог ќе продолжи да се грижи за Својот народ. Од почетокот па до крајот на книгата главна личност е Бог: Тој им се открива на луѓето. Тој ги суди, Тој ги води и го помага Својот народ. Конечно, Тој ја создава неговата историја. Во замена за тоа Бог бара од Својот народ да верува во Него и во Неговите ветувања, да се потчинува на Неговите наредби и закони.
Во книгава е претставена древната еврејска традиција, која му помогнала на овој народ да ја осознае својата вера и да ја зачува, а преку неа и самиот да опстане.“
Со ова завршува воведот.
Се прашувам дали последната реченица значи дека Библијата е во основа филозовска книга за потребите на еврејската традиција?
Дали е ова вистинската верзија на книгата или има и друга упростена верзија за да можам подобро да ја разберам?
Продолжувам со читање. Почнува заплетот.