Прво здраво на сите, форумов, а посебно темава ја читам веќе многу долго време и решив конечно да се регистрирам за да споделам една интересна случка и воедно (можеби) повторно да ја оживеам.
Во летото минатата година се враќав од театар со брат ми (Шекспир фестивал во Битола, од пред две години има секое лето), навечер, ама не беше доцна (некаде 23ч.). Така замуабетени, најобичен муабет што сигурно не беше поврзан со страшни или натприродни работи, одевме по една улица по која вообичаено не поминуваме често, но ете тогаш решивме да поминеме оттаму за малку да смениме. Стигнавме на еден дел од улицата кајшто кога одиш нагоре (кон средното техничко, а паралелно со болницата) од левата страна имаш височки згради, а од десната куќи; беше темно и се погоди во тој момент да нема луѓе/автомобили. Одеднаш како што одевме, брат ми ме фаќа за рака и остро ми шепнува „Десно! Гледај десно!“ а јас, онака расеана, се вртам
лево и нормално нема ништо - жива душа нема, само една кола паркирана пред влезот на зградата. „Абе,
десно!“ пак го слушам брат ми, се вртам десно и, верувајте, крвта ми смрзна во вените. Куќа, најобична куќа, модерна градба, со некоја светло-сивкаста боја (така барем изгледаше во темнината) висока ограда, никаква светлина од никаде, а од оградата приземјето не се гледаше добро, се гледаше само балконот на првиот кат. А на балконот, наредена група луѓе, еден до друг како под конец, потпрени со рацете на балконската ограда и нѐ посматраат. Зад нив потполн мрак, повторувам, ниту едно светло не гореше во куќата, балконот беше сосема празен, сакам да кажам немаше столици или нешто па да седеле надвор на воздух, само онака се оцртуваат силуетите во тишина, некако злокобно, заканувачки. Јас, искрено, ги погледнав само за дел од секундата и не успеав ни да ги избројам, онака од око би рекла дека беа 3-4, погледот ми застана на едно девојче со светла блуза и коса фатена во реп, ама толку се стресов и такво непријатно чувство ме обзеде кога ги видов, што само регистрирав дека нешто не е во ред, го свртев погледот и како под команда со брат ми продолживме забрзано напред и кога се оддалечивме две-три куќи почнавме пополека да се обидуваме да ги средиме впечатоците од тоа што го видовме (подоцна тој ми кажа дека видел 4 фигури, двајца возрасни и две деца и ми потврди дека едното навистина било девојче како што го опишав). Само неколку куќи погоре, случајно го креваме погледот нагоре на истата страна од улицата, кога одеднаш на најгорниот кат на една друга куќа (имаше нешто како мало балконче на врвот, сигурно од некое минијатурно поткровје) кајшто гореше светло, вратата од балкончето ја отвора една жена, цела облечена во црно, излегува на 2-3 секунди, нѐ погледнува и пак влегува внатре и ја затвора вратата. Е овде веќе стравот помешан со љубопитство достигнува врв и јас предлагам да се вратиме да видиме дали луѓето се уште таму додека е свежа случката (сигурно поминале помалку од 2 минути откако ги видовме), се враќаме брзо, а тоа нормално нема ништо, куќата мрачна и осамена како и порано, сѐ е исто, потполна тишина и нема жива душа, на балконот нема никој и светлото е како порано изгаснато.
За да го победиме стравот почнавме да измислуваме смешни приказни за да си ја објасниме случката, но наскоро преминавме во сериозна дебата и ги претресовме сите теории кои логично би ја објасниле случката, но ниту една не нѐ задоволи. Ако беа некои деца кои си играле мајтап, па ќе ги слушневме кајшто се смеат/зборуваат и сигурно немаше да седат по темница дома, а башка имаше и возрасни. Со струјата сѐ беше во ред во цел град и на цела улица, а и да немале струја ќе запалеле свеќа или нешто. А и положбите на балконот ќе им беа поприродни, немаше толку морничаво да изгледаат наредени како да чекаат некој да помине или нешто да се случи. Понатаму и жената; да бевме гласни, па да излезела да види кој вика, не бевме, баш бевме потресени од предмалку, а и не нѐ опомена, не рече ништо, си излезе и пак си влезе. Да била излезена за воздух или за нешто, нема логика, буквално само 2-3 секунди беше надвор и пак си ја затвори вратата, не е тоа доволно да се проветри собата. Вака не изгледа можеби како нешто посебно страшно, ама тогаш на двајцата ни беше многу морничаво и или има некое природно објаснување на кое не сме се сетиле, или ова ни бил вистински судир со натприродното.
Оттогаш имам неколку пати намерно поминато по таа улица, сама или во друштво, и дење и ноќе, но никогаш немало ништо необично, а во таа првата куќа никогаш не сум видела да гори светло. ОК, толку од мене.