На вратата од маѓепсаниот театар Хари Халер прочитал "САМО ЗА ЛУДАЦИ".
Драга
Јас сум ЛУД, ти си ЛУДА, сите се ЛУДИ (некој помалку, некој повеќе)
На секој граничен премин од оваа "наша држава" треба со големи букви, преведено на неколку светски јазици да стои табла со натпис "САМО ЗА ЛУДАЦИ". Добронамерниот посетител на време да знае кај доаѓа или проаѓа.
Во исто време како и секој ден одиш да купиш појадок, а маркетот преполн од луѓе кои го чекале последниот ден да купат зарзават за новогодишната ноќ, по цени исти како и тие вчера, и завчера, и денот претходно. Вриштат, се туркаат, се фрустрираат на гужвата чија причина се токму тие самите.
Своите фрустрации ги излеваат врз недолжните вработени, луѓе кои денес преживуваат пекол за дневница иста како и таа вчера, иста како и таа завчера.
И тие вработени сакаат да ја прослават Новата Година со своите сакани, со своите пријатели, со своето семејство. И додека вие ги правите последните подготовки за непреспаната ноќ, тие луѓе ги трпат вашите изливи на бес, вашите фрустрации и нервози, а покрај се мораат да бидат фини и да ви возвраќаат со насмевка.
Ќе излезат од своето работно место, неколку часа пред Новата Година, со потечени нозе и попуштени нерви, преморени за било каква прослава и непреспана ноќ.
Најмалку што можете да направите е да бидете културни и да им кажете барем едно БЛАГОДАРАМ. Тие луѓе не се виновни за тоа што вие го чекате последниот момент за пазарење, исто како и вашиот сосед, и соседот од другата зграда......
Се додека мислиме само со нашиот стомак, и само на него, ќе бидеме земја на лудаци, на исфрустрирани и искомплексирани двоножци кои поради немање на соодветен термин се нарекуваме луѓе.
БИДИ ЧОВЕК. ЗА МОМЕНТ ЗАБОРАВИ НА СЕБЕ И ПОМИСЛИ НА ДРУГИТЕ. И ТИЕ ГО САКААТ ИСТОТО ШТО И ТИ.
За сите кои денес се на своето работно место и прават натчовечки напори за да ги задоволат нашите хирови
ДЕНОВИ
Како на вратот гердани
ниски камења студени
така на плешки денови
легнале та натежнале
Денови ли се - денови
аргатски маки големи!
Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси -
ај, пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!
Роди се човек - роб биди
роди се човек - скот умри,
скотски цел живот работи
за други туѓи имоти.
За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!
За себе само ргај си
за себе маки тргај си -
нижи си гердан денови
нижи си алки ковани,
нижи си синџир железен
околу вратот навезен!
......и по толку години ништо не е сменето