Богов: каматите нема да одат подолу од ова
Компаниите полесно доаѓаат до кредити, особено откако државата го намали задолжувањето на домашниот пазар по издавањето на еврообврзницата. Сепак, гувернерот Богов за АЛФА ТВ објаснува дека Народната банка не очекува натамошен пад на каматите.
07.12.2014 14:51:12
Share on facebookShare on twitter Share on emailShare on print More Sharing Services0
Стопанството ќе добие повеќе свежи пари догодина. Банките ќе продолжат забрзано да го кредитираат приватниот сектор. Гувернерот на Народната Банка, Димитар Богов, за АЛФА вели дека намалувањето на каматите на државните записи и обврзници е сигнал дека Владата има помала потреба да се задолжува на домашниот пазар и притисок врз банките вишокот пари да го вложат во кредити. Така и банките ќе се стекнат со повисоки приноси, и фирмите ќе добијат поволни кредити за финансирање на идните инвестиции.
„Лани во јули кредитирањето на претпријатијата имаше раст од само 0.3% годишно. Од тогаш континуирано се зголемува. Во октомври беше 7.8%. Овој тренд ќе продолжи. Вкупниот кредитен раст наредната година би требало да биде околу 9%, а кредитирањето на претпријатијата да се зголеми за околу 8%“ - вели Богов.
Сепак каматните стапки кои во моментов се на историски најниско ниво, особено оние на станбените и потрошувачките кредити не можат да се спуштат уште подолу. Според Богов, тие веќе го достигнале минимумот. Според последните податоци, во октомври просечната камата на кредитите во денари изнесувала 7.3%, а на депозитите во домашна валута 3.6 отсто.
„Прашање е до каде може да оди намалувањето на депозитите. Тоа е веќе на ниско ниво. Нема уште простор и натаму да се спуштаат каматите во овој дел. Од тука јасно е дека сме на најниско ниво и кај кредитите. затоа мислам дека нема простор за натамошно намалување на каматите - и на депозитите и на кредитите“ - смета Богов.
Неодамна Меѓународниот монетарен фонд им сугерираше на монетарните власти да престанат со натамошно релаксирање на монетарната политика, бидејќи наместо раст на кредитирањето, може се дестимулира штедењето. Богов кој како гувернер неколку пати ја намали основната камата и воведе нестандардни мерки за поголемо кредитирање на нето извозниците и енергетските компании, вели дека состојбата будно се следи и дека и при најмали нерамнотежи ќе се реагира веднаш. Ги потврди и очекувањата за пад на девизните резерви во 2015-та, но вели тие прво растеле поради издавањето еврообврзница, па исплаќањето на обврските догодина е однапред планирано. Смета дека обемот на девизни резерви повторно ќе се врати на ниво поголемо од она во јули годинава кога Владата се задолжи со еврообврзница.
Тања Попова