Косовски скандал за корупција во Еулекс ја тресе ЕУ
од
Светлана Јовановска, НОВА | објавено на: 06-11-2014 13:48:52
Еулекс на Косово, најскапата и најголема мисија на ЕУ во светот која има задача да помогне во изградба на правна држава кај нашиот сосед, се најде среде корупциски скандал. Кој сериозно го загрижи Европскиот парламент (ЕП) откако двајцата највисоки функционери на Еулекс пред два дена одбија да одговорат јавно на прашањата на ЕП и побараа на одржат затворен состанок со парламентарците од Комитетот за надворешни работи.
Весникот Коха Диторе минатата недела објави текст во кој се тврди дека високи функционери на Еулекс зеле мито од косовски мафијаши за да ги блокираат судските процеси за криминал. Весникот објави исто така дека Еулекс и дал тајни документи на српската разузнавачка служба.
Обвинувањата на адреса на Еулекс не се нови. Во 2012 година британската обвинителка Мариа Бамиех им напиша писмо да своите шефови во кое ги обвини своите колеги за корупција. Во писмото таа вели дека Јарослава Новотна, шеф на обвинителите не Еулекс и Франческо Флорит, поранешен шеф на судиите на Еулекс, затвориле случаи и за тоа земале пари. Според писмото Флорит земал 350.000 евра мито.
Бамиех одговара на новинарски прашања
Тоа не е се. Џонатан Рател, висок функционер на Еулекс, ги блокирал внатрешните обиди на Еулекс да отвори истрага.
Но, наместо да се води истрага, единствената акција која била преземена е суспензија на Бамиех. Причината за тоа бил фактот што информациите од нејзините писми им биле дадени на новинарите. Бамиех но и Коха Диторе тврдат дека ова не е точно.
Откако обвинителката Бамиех доби отказ таа одлучи да зборува за да си го испере образот. Во интервју дадено за ЕУОбзервер пред неколку дена таа вели дека внатрешната истрага на Еулекс е “лага... обична шега” затоа што клучните сомнителни лица не биле испрашувани и понатаму продолжуваат да работата врз чувствителни случаи.
Според неа, Италијанецот Фернандо Џентилини, шефот на Еулекс, мора да одговара затоа што Еулекс е мисија на ЕУ која ја води службата за надворешни работи на ЕУ со која досега раководеше Кетрин Ештон која го именуваше Гентилини. Според Бамиех, некој треба да преземе одговорност за корупцијата.
Овој скандал го возбуди ЕП каде што Џентилини и Кенет Дин, Британец кој раководи со цивилниот дел на мисијата, одбија јавно да одоговорат на прашањата на пратениците во Брисел. За време на сесијата на Комитетот за надворешни работи тие само го повторија она што веќе беше познато и објавено во медиумите. За да можат отворено да зборуваат тие побараа парламентарната сесија да биде затворена за јавноста.
Пратениците сметаат дека овој скандал сериозно го нарушил кредибилитетот на Еулекс но истовремено и кредибилитетот на ЕУ и побараа независна истрага.
Пратениците Елмар Брок и Улрике Луначек испратија вчера писмо до Федерика Могерини, шеф на надворешниот сервис на ЕУ, во кое се вели дека се “многу шокирани” од информациите за скандалот за кој биле известени преку медиумите. “Ако тоа не се појавеше во медиумите, како ќе дознаевме за она што се случува?”, прашуваат тие.
Могерини најави денес дека ќе именува човек кој ќе го истражи случајот и дека јавно ќе им одговори на пратениците.
Брок и Луначек прашуваат како е можно Еулекс толку долго, уште од 2012 година, да ги имал информациите за корупцијата а за тоа никој не бил известен во ЕП. Тие исто така прашуваат кога почнала интерната истрага на Еулекс и зошто немало никаква транспарентност во процесот. Тие исто така изразуваат загриженост поради суспензијата на Бамиех без каков и да е доказ дека таа им дала информациите на медиумите додека осомничените останале на своите работи места. “Овој начин на работа фрла чудно светло врз Еулекс”, велат тие.