Запознаен си со протестите и демонстрациите на Тиенанмен - главниот плоштад во главниот град на Кина - Пекинг, од 1989 година ?
Тоа што малкумина го знаат денес, е фактот дека и Кина имаше свој Михаил Горбачов, кој се викаше Ху Јаобанг, либерален член на Комунистичката Партија на Кина, кој во 1980 година стана генерален секретар на партијата.
Но откако на кинеските комунисти им стана јасно дека Советскиот Сојуз под власт на Михаил Горбачов со неговите либерални реформи се движи во пропаст, одлучија во 1987 година да го симнат Ху Јаобанг од позицијата генерален секретар на Комунистичката Партија на Кина, а неговите либерални реформи беа стопирани.
Смртта на Ху Јаобанг од срцев удар во април 1989 година, беше само катализатор за протестите и демонстрациите во Пекинг, но и во други градови низ Кина, кои траеа од 15 април 1989 до 4 јуни 1989, а меѓу причините за протестите и немирите беа и корупцијата во државата, инфлацијата, тешката економска состојба и ред други причини.
Како и да е, протестите и демонстрациите беа крваво задушени од страна на кинеската војска, за време на протестите и демонстрациите загинаа од 1000 луѓе - официјална бројка на кинеската влада, до 3000 луѓе - официјални бројки на Црвениот Крст и на кинеските студентски организации, а Комунистичката Партија на Кина до денешен ден е на власт во оваа еднопартиска држава.
Денес не се протестира во Пекинг или во било кои други делови од Кина, туку се протестира исклучиво во автономната провинција Хонг Конг, во која има двовластие - од една страна жителите на Хонг Конг имаат право да ги бираат властите на фер и демократски избори, имаат сопствен парламент, сопствена влада, сопствена економија, сопствена берза, сопствена валута, но од друга страна сепак територијално се дел од Кина и за нив важат и кинеските закони.
Но Комунистичката Партија на Кина се обидува да ги намести изборите, така што само кандидати кои кинеската влада ќе ги одбере ќе можат да се кандидираат на изборите, што се разбира, е недемократски, но на крајот на краиштата, кинеските комунисти воопшто не се ни заинтересирани за демократско општествено уредување во Кина.
Како и да е, кинеските комунисти веќе имаат искуство во задушување на протести и немири, па ова и не би требало да им претставува проблем.