Ќе прескокнам сега да реплицирам поединечно на спинерите кои заработуваат леб на темава оти бесцелно е и контрапродуктивно. Неколку работи само сакам да кажам:
- Отиде дискусијата во правец како навивачите биле несаглам луѓе и ако може да се сублимира мислењето на спинерите во две реченици тоа би биле следниве:
1. Шо мајка бараат да одат на утакмици, магариња едни, и
2. Шо к*р фаќаат бомби кога не се разбираат.
Сега по ред. Да не знае човек од кој агол да почне да црта. Прво, сосема е небитно што вие не разбирате зошто некој човек оди на утакмици да се дере. Сосема е небитно, можеби да ви објаснуваме, но што има тоа врска со било што? Еве јас не можам да разбрам зошто некој човек ужива 10 сати да седи со трската во рака и да фаќа плашки. Не знам што гледа во тоа и знам дека јас лично никогаш не би дремел по невремиња над некоја мочвара да фаќам риби што ќе ги јадат мачките. Ама можам да разберам дека нему тоа му причинува задоволство, и затоа го прави. Секој од нас си има по нешто што го прави среќен: дерење на фудбал, фаќање риби, фаќање риби во другата смисла на зборот, качување по планини и вукојебини, дремење во кладилници, лепење плакати... не има секакви и сите уживаме во нешто. И сите имаме право да ги правиме работите што ги сакаме, ако не се забранети со закон. И тука доаѓаме до поентата:
Дали мене ми е забрането со закон да патувам во друг град, да платам влезница за натпревар и да го гледам истиот, од почеток до крај? Ако не ми е, тогаш оставете ме на раат. Ако ми е, тогаш покажете ми според кој закон ме спречувате да влезам на стадионот со платена карта и зошто исфрлувате од трибина како стока?
- Други аргументи беа:
1. Кога ќе ти речат да излезеш има да излезеш! И,
2. Да послушаа, немаше да има повредени. Со што се лоцира целата вина кај навивачите.
Првиот аргумент вика дека не смееш воопшто да преиспитуваш наредба од лице во униформа, иако тој нема никакво законско право да те исфрла надвор или да те тепа со пендрек ако не го послушаш. Според истиов аргумент сообраќаец може да те застане, да ти нареди да излезеш од возилото и да направиш 20 склека, а тебе иако тоа ти изгледа ненормално да не се буниш многу многу за да не јадеш ќотек. Ова не е воопшто за коментирање понатаму.
Вториот аргумент е валиден едно 50%. Исто така и полицијата да не носеше шок бомби на трибина немаше да има повредени. Исто и полицијата да ги третираше навивачите како граѓани со елементарни права, а не како стока која треба да се дресира и да се тепа, немаше да дојде до ова.
Но бидна и како сите работи кај нас, ќе помине и ќе се заборави. За жал, нема ништо ни да се промени. Нити услови за натпревари, ни организација, ни ништо. Клубовите животаркаат, крпат од први до први, од нив не може да се очекува да вложат во инфраструктура или пак да платат обезбедување. Полицијата влегува на трибина и кога треба и кога не треба и во овој случај предизвика инцидент таму каде што го немаше.
А аргументот за мафтањето со бомбата нема да го коментирам. Верувам дека секој од вас ако се најде во слична гужва и случајно види бомба, ќе знае точно како да изреагира. Сепак подобро е да си седите настрана од гужви. Во подрумите на родителите е најбезбедно.