СЕКОЕ ВРАЌАЊЕ ВО ОХРИД Е ВРАЌАЊЕ ВО РАЈОТ
Во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид секојдневно, десет дена, некаде околу пладне едно семејство поминуваше повеќе од еден час. И, секогаш, при секое влегување во црквата беа со озарени лица. Очигледно беше дека се среќни што се тука. Секој од нив како да си имаше свое катче во кое се осамуваше, жената со рацете ги милуваше фреските, а мажот и по десетина минути погледот не го спушташе од плафонот. Детето најмногу му се радуваше на подиумот и го прашуваше де едниот де другиот. И добрите познавачи на класичната музика немаше да ги препознаат Нина и Павел Kоган. Тоа веројатно ќе им успее само на тие што одблизу ги виделе на сцените во Лондон, Виена, Рим, Москва.
Да, во „Света Софија“ се славната руска пијанистка Нина Kоган, нејзиниот брат Павел Kоган, светски познат диригент, деца на генијалниот виолинист со светска слава Леонид Kоган, кој беше на светската листа со музичари на 20 век. Истиот тој што во 1964 година настапи на Охридско лето и беше силен поддржувач на фестивалот.
Татко ми ќе имаше 90 години
Нина Kоган на 13 години со својот татко настапи на Охридско лето, Павел настапи неколкупати, а последен пат пред четири години. Славното семејство Kоган се во Охрид, а не се во програмата на Охридско лето, се чини нормално прашањето.
- Носталгија. Оваа година е јубилејна за нас, зашто мојот татко да беше жив годинава ќе наполнеше 90 години. Затоа посакав да дојдам во Охрид, затоа што тука го имав мојот прв концерт со него (1964 год). Јас имав 13 години и веројатно тоа е еден од највпечатливите моменти во мојот живот. Потоа, многупати доаѓав во Охрид со татко ми и со семејството. Летото по смртта на татко ми, повторно дојдов со брат ми Павел. Од последниот пат кога дојдов поминаа 26 години и можам да кажам дека имам многу силни впечатоци. Да, тоа што н` поврзува нас, нашата фамилија со Охрид е детството што го поминавме тука со Павел, кога тој беше млад виолинист и секогаш сакаше да се врати во Охрид. Ние уметниците патуваме на многу места, но она што н` врзува со местата на кои сме биле е односот на локалните луѓе кон нас, извонредниот и топол прием. Се радувам што постојано слушам преубави коментари од уметници што настапуваат овде, пред с`, од уметниците од Русија, но и од другите земји. Тие се воодушевени од самиот фестивал, црквата „Св. Софија“, градот, но најмногу од топлината и ведрината на домаќините. Тоа е навистина за почит - вели Нина Kоган.
Вели дека Охрид сега изгледа сосема поинаку, како сосема друг град, станал посовремен град, со многу туристи.
- Меѓутоа навечер Охрид е градот од моето време, од времето кога бев млада. Раздвиженост, полно гледалиште на концертите, полни кафулиња, таков каков што го паметам – носталгично вели Нина Kоган.
За да го одберат терминот за престој во Охрид важна им била програмата на Охридско лето.
- Уште пред да дојдам, ја видов програмата и ми беше многу јасно дека доаѓам на добри концерти со врвни светски уметници. Што се однесува до „Св. Софија“, таа е прекрасна. Се сеќавам кога прв пат дојдовме овде, таа беше поинаква, со различен распоред. Kонцертите беа до самиот олтар, го немаше иконостасот. Имам многу фотографии од тоа време. Таму се создава прекрасна атмосфера и чувство дека сите звуци остануваат внатре. Моите деца се исто така музичари, ќерка ми е пијанистка, а син ми, кој е тука со мене, е виолинист. Сето тоа за нас е традиција, го продолжуваме како династија. Моите деца од најраното детство знаеја за Охрид, го знаат како град од моето детство. Се надевам дека во иднина и тие ќе продолжат да доаѓаат во Охрид, зашто го чувствуваат градот преку мене - вели Нина Kоган.
Нејзиниот брат Павел Kоган, виолинист и диригент со светска слава, кој е распродаден за следните две години, вели дека е вљубен во Охрид.
- Многу го сакам Охрид. Прв пат дојдов во 1968 година и се враќав многупати. Последниот пат беше на јубилејното 50. издание на Охридско лето, кога настапив со Македонската филхармонија. Секоја година кога одам на одмор задолжително неколку дена минувам во Охрид. Многу ми е драго што Охридско лето не само што ја продолжува традицијата туку во независна Македонија фестивалот е искачен на многу повисок пиедестал и е најдобриот фестивал во регионот и во Европа. И како што веќе кажав, дава една прекрасна слика за самата држава, која очигледно ~ дава огромна важност на културата - вели Павел Kоган.
Фестивалот оди нагоре
И двајцата сметаат дека фестивалот се движи во нагорна линија. Kако да читаат од енциклопедија знаат за секој настап на врвен уметник, ги следат првите настапи на младите музичари.
- Уште од времето на мојот татко, Охрид беше прочуен. Многу луѓе знаеја за градот и
фестивалот веќе имаше изградено реноме. Се знаеше за него во светот. Вистина е дека информациите за Охрид, за фестивалот, се раширени, со оглед на тоа што фестивалот цели 54 години успева да донесе звучни имиња да настапуваат во овој мал град – смета Нина Kоган.
Тие секој ден од рано наутро се на бреговите на Охридското Езеро. Нема црква, нема споменик што не го посетиле. На прсти ги бројат деновите што им остануваат до крајот на престојот. Се враќаат во Москва, а потоа ги чекаат светските сцени.
- Пред 47 години прв пат дојдов овде и имам едно чудно чувство, кое е толку искрено. Се чувствувам безвременски. Сме настапувале многу, меѓутоа Охрид секогаш беше специјален. Во 1966 година, со мајка ми бевме во Дубровник, а во истото време татко ми настапуваше на Охридско лето. Kога дојде во Дубровник ни рече дека се чувствува како да се вратил од рајот и ни донесе пастрмка. Го поканиле да оди на риболов, сам ја уловил и ја донесе. Охрид ми е едно од најубавите места на планетата. Од толку што ми е омилено, дури и се плашам да дојдам тука од премногу емоции. Но, се разбира, повторно ќе дојдам - вели Нина Kоган.
ВИОЛИНАТА НА ЛЕОНИД KОГАН ВРЕДНА 4 МИЛИОНИ ДОЛАРИ
Леонид Kоган е светска класа виолинист (1924-1982), добитник на врвни признанија за уметност во Русија, а настапувал низ целиот свет. Kористел две виолини, кои денес вредат по повеќе од 4 милиони долари. Се смета дека делата на Kоган се најбарани на интернет. На пример, цената на неговата изведба на концертот за виолина од Бетовен достигнува цена од 10.000 долари на аукции на „Ибеј“. Се шпекулира дека тој свирел на челични жици. Сопруга му била Елизабета Гилелс, сестра на славниот пијанист Емил Гилелс. Kоган почина од срцев удар додека патувал со воз кон Москва, пред 26 години. Два дена претходно, тој го извел Бетовеновиот концерт во Виена.
Павел Kоган (1952) е виолинист и диригент, кој управува со Московскиот државен симфониски оркестар. Маестро Павел Kоган со 40 години работа на пет континенти е еден од најпочитуваните и надалеку познатите руски диригенти на нашето време. Името на Kоган во 2011-та влезе на листата со десетте најдобри диригенти на 20. век според авторитетен британски телевизиски канал за класична музика.
Пијанистката Нина Kоган (1954) настапувала со Оркестарот на театарот „Бољшој“, Московската филхармонија, Филхармонијата на Дрезден, Националниот оркестар на Париз и други.
ЛилJана ГрЏо Дамовска
http://dnevnik.mk/?ItemID=40C52D306C66EE4D93F52DC252394068