Има голема разлика каков е надворешниот долг.Точно е branchez дека нема смисла споредбата со Јапонија,но го дадов како пример дека големиот надворешен долг секогаш значи катастрофа.
САД,Јапонија,Германија и слични држави имаат надворешен долг воглавном базиран на емитувани хартии од вредност кои ги купуваат други држави и побогати компании,и ги чуваат како `девизни` резерви.Значи тие држави овој долг во најголема мерка нема да го враќаат.
Нашите девизни резерви се состојат од :злато(околу 200 мил.дол),долари ,евра и хартии од вредност најмногу од Германија како најстабилна држава.Тоа значи дека ние сме купиле дел од државниот долг на Германија(88% од БДП им изнесува),
ама ние тие хартии ги чуваме,нема да ги трошиме.
За разлика од нив ние и слични држави како нас,долгот кој го имаме се заснова на кредити и тие пари ги враќаме со одредена камата,за период за кој ќе се склучи договор.
Америка има долг од 17 000 милијарди долари и секоја година го зголемува за 1 000 милијадри долари,но тие пари скоро и нема да ги враќа,освен ако не одлучат поинаку земјите како Кина кои во своите девизни резерви имаат скоро 1/3 од долгот на САД.
Затоа се вика дека САД извезуваат долгови.
А за википедијата,има и поинакви извори а не само таму:
ДОЛЖНИЧKО РОПСТВО ИЛИ НЕ?
ПРЕД РАСПАДОТ НА СФРЈ МАКЕДОНИЈА БИЛА ПОЗАДОЛЖЕНА ОТКОЛКУ ДЕНЕС
Дали поранешните југословенски републики, меѓу нив и Македонија, денес реално се позадолжени отколку пред распаѓањето на СФРЈ?
Ова прашање се наметнува по предупредувањата на одредени економисти од регионот дека јавниот долг на сите поранешни членки на југословенската федерација, без исклучок, пораснал 4,5 пати во изминатите 25 години. Односно, тие сега заеднички должат околу 125 милијарди долари, за разлика од пред распадот на Југославија, кога должеле 27 милијарди долари, наспроти врежаното убедување дека долгот изнесувал околу 20 милијарди долари. Сосема друго е прашање е колку тие пари вредат денеска, бидејќи куповната моќ на доларот во 1990 година и денес не е иста.
Но, само со споредба на груби бројки не се добива вистинската слика за тоа дали јавниот долг бил многу помал од пред четврт век како што тврдат економистите. Дополнителен проблем во анализата на ова прашање е што ниту една институција во земјава нема точна бројка за јавниот долг во периодот од 1990 до 1993 година. Официјалните податоци за долгот ги имала само поранешната Народна банка на Југославија, но и да се најдат бројки во стари публикации, тие не можат да се споредат со сегашните, бидејќи се правеле според сосема различни параметри.
Единствените приближни бројки, според сеќавање, ги даваат економистите што беа дел од првата Влада на самостојна Македонија. Според нив, долгот тогаш изнесувал околу две милијарди долари, од кои една милијарда бил долг кон странски кредитори, а другата половина бил внатрешен долг кон граѓаните (за дел од тој долг подоцна беа издавани вредносни хартии).
Податоците „закопани“ со НРЈАко долгот се гледа само како груба бројка, во Македонија во 1990 година изнесувал околу две милијарди долари, а денес, долгот околу кој се кршат копја, е 3,9 милијарди. Сепак, ако се земе предвид сегашната вредност на тогашниот долг, имајќи го предвид влијанието на инфлацијата, излегува дека тогашна Македонија како дел од СФРЈ денес би должела 3,7 милијарди долари. Но, ако се земе јавниот долг како процент од домашниот бруто-производ (БДП) излегува дека нашата земја е во поповолна ситуација отколку пред распаѓањето на Југославија. Тогаш долгот изнесувал 44,7 отсто од БДП, односно т.н. општествен производ, а денес е 36 отсто.
- Она што е значајно и што секако треба да се има предвид при евентуална анализа на вакви податоци е дека само дел од долгот можел да се алоцира како долг на републиките по принципот на територијална припадност на основниот должник, но еден значаен дел од надворешниот долг бил долг каде што основен должник била поранешната југословенска федерација и тој не можел да се алоцира по поодделни републики - велат од Народната банка на Македонија (НБМ).
Kога се анализира висината на долгот, мора да се спомене и фактот дека во поранешната СФРЈ, понеразвиените земји во кои спаѓаше и Македонија, имаа на располагање дополнителен извор за заем. Односно, освен можноста да се задолжува кај меѓународните финансиски институции, Македонија за различни потреби имаше опција да користи средства од Фондот за финансирање на развојот на недоволно развиените републики без да има обврска да ги враќа парите, опција што сега не постои.
- Значителен дел од инвестициските вложувања, околу два отсто од БДП, се спроведуваше преку Фондот за развој на недоволно развиените републики и покраината Kосово. Но, така собраните средства се покажаа како недоволни за намалување на разликите во развиеноста. Сепак, неразвиените делови на Југославија континуирано бараа уште поголеми износи на пари, а развиените, кои тоа го финансираа, се спротивставуваа на тоа - пишува хрватскиот економист Здравко Петак во анализата „Економската заднина на распаѓањето на Југославија“.
Со нови кредити се враќаа старите
Економистите што беа дел од македонскиот економски врв во почетокот на деведесеттите години се сеќаваат дека тогашниот јавен долг бил една милијарда долари задолжување во странски банки и институции и една милијарда внатрешно задолжување. Внатрешниот долг всушност бил долг кон населението, односно пари заробени во банките.
- Се сеќавам дека тогаш во Народната банка се споменуваше долг од две милијарди долари. Kако прва влада на самостојна Македонија ние требаше да се справиме со тој долг за кој не се сеќавам точно во проценти, но знам дека беше многу во однос на тогашниот БДП на земјата. Во тој период и невработеноста беше голема во земјава. Бидејќи во тогашна Југославија Македонија имаше многу младо невработено население и преку тој податок се гледаше неразвиеноста на земјава во однос на другите републики. Дури од 1998 година можеше да се каже дека долгот беше намален. Долгот беа кредити, а ги враќавме на повеќе начини. Најпрво преку репрограмирање, односно земање нови кредити со пониски каматни стапки од тие што дотогаш се користеле и тоа за враќање на старите долгови - вели професор Јане Миљовски, министер без ресор во првата Влада на независна Македонија.
Патот на раздолжувањето бил тежок, а првата македонска влада ја почнала „традицијата“ да се позајмува од ММФ и од Светската банка.
- Ние во тоа време земавме кредити со ниски каматни стапки од еден-два отсто од меѓународните институции и со најголем дел од кредитите се изврши репрограмирање на претходните и продолжување на рокот на враќање. Но, за да се почне процесот на репрограмирање на долгот, важно е да ви веруваат, затоа почнавме да се задолжуваме кај ММФ и Светска банка, зошто требаше да се создаде слика дека оваа земја е добра и навреме ги сервисира долговите. Тогаш и другите кредитори се склони да разговараат за репрограмирање на своите долгови. Ни требаа повеќе години, односно некаде до 1998 година успеавме да се позиционираме како солидна земја, која си ги враќа обврските и која во иднина има добри шанси сето тоа да го отплаќа. Така се отворија и вратите за задолжувања за инфраструктурни проекти - вели Миљовски.
Првата македонска влада брзо време по осамостојувањето на земјата почна да ги расчистува и репрограмира дел од долговите наследени од СФРЈ. Наследениот долг од поранешната федерација изнесуваше 621 милион евра или 5,4 отсто од вкупниот долг на сите земји од Југославија. Kако дел од овој процес, владата издаде таканаречени структурни обврзници, кои беа наменети за решавање одредени проблеми што се појавија по осамостојувањето, но и кои во голема мера го зголемија јавниот долг.
Заробените девизи го вивнаа јавниот долгДел од структурните обврзници беше и обврзницата за старо девизно штедење, издадена во 2000 година во износ од 546,5 милиони евра, со која им се отплаќаа „заробените“ на граѓаните во банките. Токму во 2000 година, поради таа обврзница, јавниот долг во Македонија, како процент од БДП, го достигна рекордното ниво од 57,2 отсто, по што во следните години постепено се намалуваше.
Даница Тунтевска-Вујовиќ, Александра Филиповска
http://www.dnevnik.mk/default.asp?itemID=9F16BBBF0CE8BD47BD38EB6A651D3609&arc=1