Ако Црквата вели дека биле мудреци, тоа значи дека биле мудреци, поточно, образовани/учени астрономи, кои гледајќи го небото, ја забележале ѕвездата-водилка (ангелот Божји) од исток, која се движела „поинаку„ од другите ѕвезди. Да биле магови/магионичари, не би ни пришле кон Христа ни оддалеку.
Не случајно токму тие доѓаат на поклонение на Христовото раѓање, доаѓајќи од далечна земја, со што симболично го покажуваат „подолгиот„ пат до Бога, а тоа е потпирањето на својот ум и на овосветовното знаење, за разлика од неуките и простодушни пастири, кои први беа повикани кон Христа Младенецот и кои кон Бога пристапија по „пократкиот„ пат, лоцирани блиску до витлеемската пештера, односно патот на послушноста (кон ангелот кој ги покани), простодушноста и недовербата во самите себе.