Пилотот во МВР Сашо Мојсоски за малезискиот авион: Авионот веројатно се распаднал во воздух!
Дали по четири дена безуспешна потрага малезиските војници се на трагата на исчезнатиот авион? Војската верува дека авионот го променил курсот и се спуштил на пониска височина, а потоа влегол во заливот Малака. Но, оваа засега непотврдена информација, не дава одговор на сите прашања и теории на заговор кои во изминативе четири дена се сплетоа околу мистеријата без преседан.
Стотици прашања, засега без одговори, имаат и македонските пилоти кои ја следат потрагата на Боингот 777.
- Земајќи ја во предвид фазата на летот кога се губи контакт со авионот на 11.000 метри височина, а само 9 проценти од несреќите се случуваат во таа фаза. Понатаму ненадејното губење на контактот со авионот, укажува дека во воздухот се случила ненадејна деструкција на авионот, односно распаѓање“, вели за Канал 5 пилотот во МВР Сашо Мојсоски.
Засега се само претпоставки и причините зошто неколкудневната потрага и од воздух и од вода не даде резултати. Имало и теории дека авионот е приземјен на непозната локација, но досега тоа ќе се дознаеше.
- Немало пораки за итност, односно опасност, што значи дека нешто ненадејно се случило во воздухот – објаснува пилотот Мојсоски.
Авионот Боинг 777 важи за безбеден авион. Првиот авион од овој тип полетал во 1995 година и досега се произведени 1035 вакви авиони. Оттогаш имало само две несреќи – лани при слетување на аеродромот во Сан Франциско кога загинале три лица и кога на Хитроу во Лондон при приземјувањето авионот ја промашил пистата. Статистиката ,според Мојсоски, укажува на терористички чин, но сепак одговорот лежи во црните кутии.
- Земајќи во предвид колку од тие авиони летаат низ светот и компарацијата на случените несреќи се работи за многу сигурен авион – вели Мојсоски.
Малезиската полиција конечно го откри идентитетот на двајцата патници со лажни пасоши и утврдила дека не се терористи. Во авионот се наоѓале 239 патници, најголем дел Кинези, а по него трагаат 30 авиони и 40 бродови од 10 земји.