Како го гледате денешно Скопје?
-Мислам дека е промашен град. Треба голем напор за да заздрави, а има шанси. На пример, она што е нездраво треба да се изолира, па да се интервенира дури откако ќе заздрави околината. Ние правиме обратно. Она што е болно, особено центарот на Скопје, уште повеќе го напаѓаме. Новото мора да се приспособи на она што е вредно и што е старо, а не да го деструктира и уништува. Најголема вина носат луѓето што го водеа градот и државата недомаќински, оние што не разбираат дека Скопје нас треба да нѐ претставува како држава и да биде урнек за другите градови во Македонија. Денес гради кој стигне и кај стигне. Треба да се гради, но во околината, во Драчево, на Скопска Црна Гора. Денес се прават капитални објекти во центарот на градот наместо во периферијата. Таму би биле вистински енергетски точки, ќе има движење, зашто кон нив ќе се слеваат маси луѓе од разни страни. Тоа се научни пристапи, а во Скопје нема таков пристап, само шпекулација.