Си ја исчитав темава, дури сега првпат ја видов и не можам да замислам низ што поминале некои овде на форумов.
Сите имаме трауми, ваљда некои поголеми, некои помали, некои безначајни. Моите не се така страшни ко на некои овде.
Многу деца страдаат од недостиг на еден родител, развод и слично. Јас посакувам моите да беа разведени и да живеев со татко ми само. Да не е тој човек во мојот живот, веројатно немаше да го знам поимот родител што значи и немаше ни деца да сакам да имам.
Тој најбитниот, најсвет однос што една личност треба да го има, за мене мислам дека никогаш не постоел и никогаш нема ни да го има. Кога ми текнува на детството, најпрво ми се јавуваат караниците, навредувањата, се сеќавам дека во многу моменти посакував да сум глува и да не слушам. Не можам да ја оправдам мајка ми за сите срања што ми ги приреди мала кога бев. Имав огромен страв од неа, зошто знаев дека и чаша сок да истурам на чаршаф, три дена за тоа ќе ме кара и ќе мора да ја трпам. Не можам да ја оправдам што за секоја мала, небитна ситница избувнуваше и јас си го собирав дерењето на секое. Љубовта кон мене така си ја искажуваше, со константно дерење. Не се сеќавам за ништо да ме пофалила, дури и тогаш кога ќе направев нешто добро, цела светев и чекав едно браво, а таа секогаш си наоѓаше пак некоја замерка.
Не сфаќав што правам толку лошо, дали сум навистина лошо дете, па така да се однесува со мене.
Болна точка ми е овој однос и не можам да кажам дека не ме боли кога гледам како другарките се однесуваат и се ко први другарки со мајките, а јас со мојата не можам ни еден асален муабет да направам.
Секој муабет завршува со караница, сакала јас или не. Пред некоја година увидов дека не можам и јас да се мрднам така, па затоа решив да си го прифатам и потиснам тоа и да не ми влијае веќе. Не можам да се трудам јас повеќе, зашто само лошо ми носи и мене. Ако сфати некој ден дека цел живот се однесувала лошо кон мене и не била мајка, веројатно касно ќе биде. И сега е касно, не сум дете за така потресно да ми влијае се, но ми влијаело. И ден денес, мразам летни одмори каде се оди со семејство, мразам да минувам повеќе време со неа, не сакам многу луѓе, не им верувам на луѓето.
Како што реков, имам потиснато многу кажани работи и направени, ми идат солзи секогаш кога ќе се присетам, но научив да живеам со тоа и оставам да си биде како што си е.
Другиот проблем ми беше на училиште. До основно беше пекол, не сакав да одам на школо, неколку пати се враќав дома плачејќи, сакав да ме преместат во друго одделение. Причината како и кај многумина верувам, закачање и малтретирање од соучениците, навредувања, лоши прекари ... Кај многу чувствително дете тешко влијаат тие закачувања, поготово кога не си извајан да им вратиш. Се затвараш во себе и не сакаш да се дружиш со никој, зошто за тебе сите се злобни дечишта кои сакаат само да те задеваат.
Тоа се смени во средно со нов клас, едноставно јас се сменив, и не дозволив никогаш повеќе некој ни да му текне да ме задева за нешто. Станав посилна психички, можда и пораснав многу порано, али тоа е тоа.
Ако не си помогнеш некако сам да си преминеш низ некои работи, никој нема да ти помогне, тоа е факт. И не значи дека лошите работи во животот те прават лош. Јас можев да почнам да се вадам на проблемите дома и да почнам да пушам цигари, да се пијанчам, па и полошо. Но, тоа не е начин да си помогнеш. Се гледа само напред, се бориш за тоа утре, а тоа во минатото го прифаќаш и учиш да живееш со тоа некако.