Luki Junior
Се сеќавам на мојот прв "инкаунтер" со Луки, не ми текнува на темата или муабетот, но го памтам чувството што ми го предизвика. Штета што тие мислења беа офф и се избришани, инаку ќе ги пронајдев во базата. Стануваше збор за подолг пост и отпрвин кога видов дека е напишан на дијалект, а притоа имаше заземено некој "јас немам поим" став на темата, сакав да се откажам од читање, но туц-муц, некако ме завлече, и го исчитав до крај. И успеа да ме скокотне со тоа што го имаше напишано. Го "пецнав" со реплика и на тоа добив многу галантен одговор дека не паѓа на провокативни прашања. Ај што бев позитивно изненадена, туку ме остави и со прашалници, искрено не очекував таква реакција. И толку беше, јасно ми стана дека неговото едноставно пишување не е нималку наивно и покрај дијалектот.
Луки е до коска фер човек се` додека играш и ти фер спрема него. Ги сака картите отворени и не се плаши од тоа каков впечаток ќе остави, не се маскира, what you see is what you get, и покрај тоа што некој смета дека неговиот форумски лик е нечие алтер его. Иако може другите да ги носи во заби, не ги гледа луѓето од височина. И покрај тоа што е поткован, нема кај него надменост. Јас што велам, голем човек е оној човек што (иако седи високо) знае и може и со чистачката да скрши два реда муабет и притоа таа да не се почувствува понизно или навредено. Ете, така го доживувам Луки. Не сака расправии и конфронтации, но не бега од истите ако е предизвикан, и тоа одговара само на оние што не се тривијални. Во спротивно, ќе се насмее на своја сметка и елегантно ќе го напушти теренот. Не оди со глава во ѕид по секоја цена. Имам впечаток дека има големо его, што во неговиот случај не е воопшто негативност од причина што умее да го држи цврсто под контрола. Си го потхранува, но дозирано. Правичен е и знае да си го разграничи сопствениот хир од она што е суштинско. Мислам дека е бескомпромисен, поточно, не прави компромис за крупни и важни работи (неговото и крај

), додека за оние баналните, не само што ќе ти удоволи, туку и ќе ти даде се` што има.
Е сега, од друга страна, Луки ти е човек кој не сакаш да го имаш за противник. Иако овој аспект го крие, мислам дека ја знае и (само ако сака) одлично ја игра најопасната стратегија, дефанзивно-офанзивна. Наивно намами го непријателот на свој терен, за да му ги откриеш слабостите, а победи го на негов терен со директен напад на неговите јаки страни. Што би се рекло clean cut, fierce and quick, со еден удар те кутнува, што во суштина е одлика на високо интелигентен човек. И ова нема врска со образование, сестраност, нашетаност, широки погледи и слично, што секако не мањкаат кај Луки, туку повеќе има врска со одлично познавање на човечката психологија. Знае точно кога и како да го постави вистинското прашање, и покрај тоа што јасно му е однапред каков одговор ќе добие. Има очи да те прочита преку "неважните" работи. Може да ја согледа и разбере суштината со два збора, а знае да ти ја каже и пренесе со еден. Што е повторно одлика на бистар ум. Што би рекле џапанезерите, ако не знаеш графички да го нацрташ концептот, тогаш не си го ни разбрал. Така и Луки, знае да црта ко џапанезер.
Има голема самодоверба и имам впечаток дека не ја истакнува поради тоа што знае дека нема ништо послатко од вистината. Сака едноставни работи, скромен е и знае да биде среќен и со малку. Нема кај него мегаломански апетити кога станува збор за меѓучовечки релации. И како за крај, она што многу го ценам, го нема изгубено и си го гали детето во него.
Со еден збор Луки Џуниор е далеку од џуниор.
П.С. Доколку некој се прашува, со Луки досега имаме разменето севкупно две ПП и еднаш се имаме видено тет-а-тет, каде само се запознавме, а не успеавме да врземе ни два реда муабет. Сето погоре напишано е впечаток од постови на форум.
П.П.С. Нејќум контра-анализа, сакам едно Lindt чоколадо, те молим те.
